Од партијата обвинуваат дека партиските кадри поставени на директорски позиции преку коалициски договори го довеле здравствениот систем до колапс, а состојбата во болницата е сè полоша.
„Иако вработени во болницата преку фотографии алармираа за катастрофалните услови, актуелниот директор Жан Лозановски од ЗНАМ тврди дека состојбата е подобрена. Но, информациите што пристигнаа до Левица покажуваат дека, откако неговата партија ја презеде контролата врз болницата, ситуацијата само дополнително се влоши“, велат од Левица.
Партијата посочува дека на долгогодишните хигиеничари, кои работат со договори на определено време, секоја година им се заканува неизвесност околу продолжувањето на договорите, а оваа година, за првпат, нивните плати доцнеле цел месец.
„Во болницата нема ниту една исправна машина за перење, па вработените се принудени да позајмуваат алишта од Црвен крст. Директорот Лозановски дури изјави дека за функционирањето на болницата се потребни донации! Ова е срамота, додека Владата троши милионски суми за набавка на егзотични овошја, а јавните болници пропаѓаат“, додаваат од Левица.
Партијата го критикува и министерот за здравство Арбен Таравари, за кого велат дека повеќе се фокусира на патувања отколку на решавање на проблемите во здравството.
„Народот гледа како секоја наредна влада е полоша од претходната. Болниците се во хорор-состојба, пациентите страдаат, а власта продолжува да ја замајува јавноста со празни изјави. Ова мора да престане!“, порачуваат од Левица, барајќи итна одговорност за хаосот во болницата.