сабота, 27 јули 2024

„Солидарност со Палестина“: Студентите побараа УКИМ да го поддржи студентското движење

Вчера на платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје група млади луѓе се собраа за да ја изразат својата поддршка за палестинскиот народ, кој веќе осум месеци се соочува со катастрофални услови за живот, како последица на воената офанзива на Израел.

Објавено на

часот

Сподели

На протестниот собир наречен „Солидарност со Палестина“ се одржа едноминутен молк за повеќе од 35.000 загинати Палестинци, се скандираа пораки како „Free Palestine“ („Ослободете ја Палестина“), се читаше поезија и се вееја знамиња на Палестина.

Собирот беше организиран од иницијативата „УКИМци за Палестина“, која се состои од студенти на додипломски и постдипломски студии, како и алумни и работници на УКИМ.

Претставници од иницијативата на мегафон ги читаа своите барања кон универзитетот, кои, меѓу другото, вклучуваа:

„УКИМ да заземе јасна позиција за геноцидот кој Израел го врши во Газа, во форма на декларација, по примерот на многу универзитети; да се обврзе дека нема да склучува договори со израелски партнери додека нема траен прекин на огнот; јасно и јавно да искаже солидарност со студентското движење низ светот и да ја осуди полициската бруталност која ја трпат студентите“.

„Во програмата на ректорката Билјана Ангелова стои дека ‘Мисијата на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје, е да обезбеди врвно образование и исклучителни знаења на своите студенти, не само во поглед на нивниот интелектуален развој, туку и од аспект на развој на нивните човечки квалитети и етички вредности’. За какви човечки и етички вредности може да зборуваме ако универзитетот не го осуди геноцидот и сколастицидот кој се случува пред очите на светот. Образованието има моќ да еманципира, само кога оние кои образуваат и се образуваат имаат автономија да ги живеат. Во спротивно, образованието што го нуди универзитетот, би било само теоретско, без никаков потенцијал да се материјализира“, рече еден од демонстрантите.

На собирот се прочита отвореното писмо од академиците на Газа, каде во изминатите месеци, како што потенцираа од иницијативата, уништени се сите универзитети, а убиени се 5.479 студенти и 95 професори.

Потоа се читаше поезија, инспирирана од и посветена на Палестина. Собраните студенти слушнаа неколку песни од Махмуд Дарвиш, националниот поет на Палестина, една од која била препеана од Влада Урошевиќ. Демонстрантите беа поканети да го земат микрофонот и да читаат свои песни за Палестина.

Ова е вториот протест во Скопје за изразување солидарност со палестинскиот народ. Првиот се одржа во ноември, кога исто така се читаше поезија од Махмуд Дарвиш, како и од битолскиот поет Панде Манојлов, чија песна за Палестина била преведена на арапски и во Палестина се смета за една од најславните и најубави песни за палестинската борба.

Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ