петок, 26 јули 2024

Софија: Бугарија има реални шанси да влезе во еврозоната во 2025

Бугарија има реални шанси да се придружи на еврозоната во 2025 година бидејќи ќе ги исполни сите услови за членство, кажа министерот за финансии Асен Василев по неформалната средба на министрите за економија и финансии во Гент минатата недела.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Го следиме планот за еврото“, кажа Василев, бугарскиот министер за финансии, по средбата со Кристин Лагард од Европската централна банка, претседателот на Еврогрупата Паскал Донахју, комесарот за економија Паоло Џентилони и комесарот за трговија Валдис Домбровскис во петокот.

„Сите прогнози, и на Европската комисија и на ЕЦБ покажуваат дека последниот критериум кој не го исполнивме – критериумот на инфлацијата, ќе биде исполнет во 2024 година, со што членството се отвора во 2025 година“, кажа Василев.

Според него, придружувањето на еврозоната бара стабилна политичка атмосфера и регуларна влада, што значи дека ротациите на владите меѓу владејачките формации – Ги продолжуваме промените – Демократска Бугарија и ГЕРБ – би требало да се случи во март. Сегашниот премиер Николај Денков треба да ѝ ја препушти функцијата на сегашната министерка за надворешни работи Марија Габриел од ГЕРБ.

„Целата законодавна програма веќе е усвоена, односно од сега немаме законски пречки. Останува само законот за усвојување на еврото, кој во моментов е во консултација со Европската комисија и Европската централна банка“, оцени Василев.

Министерот за финансии додаде дека Бугарија минатата година имала дефицит од 2,2 отсто, што е во границите на дозволеното.

„Оваа година сме повторно во критериумите, и за да можеме да ја продолжиме финансиската политика и интензивната работа на воведувањето на еврото е неопходна политичка стабилност“, кажа тој. Додаде дека ЕЦБ и ЕЈ предвидуваат просечна годишна инфлација оваа година од околу три отсто.

Пред еден месец Денков навести дека Бугарија можеби нема да влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 туку на 1 јули истата година, бидејќи ЕЦБ може да ѝ даде на земјата уште неколку месеци за да ја стави инфлацијата под контрола.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ