„Го следиме планот за еврото“, кажа Василев, бугарскиот министер за финансии, по средбата со Кристин Лагард од Европската централна банка, претседателот на Еврогрупата Паскал Донахју, комесарот за економија Паоло Џентилони и комесарот за трговија Валдис Домбровскис во петокот.
„Сите прогнози, и на Европската комисија и на ЕЦБ покажуваат дека последниот критериум кој не го исполнивме – критериумот на инфлацијата, ќе биде исполнет во 2024 година, со што членството се отвора во 2025 година“, кажа Василев.
Според него, придружувањето на еврозоната бара стабилна политичка атмосфера и регуларна влада, што значи дека ротациите на владите меѓу владејачките формации – Ги продолжуваме промените – Демократска Бугарија и ГЕРБ – би требало да се случи во март. Сегашниот премиер Николај Денков треба да ѝ ја препушти функцијата на сегашната министерка за надворешни работи Марија Габриел од ГЕРБ.
„Целата законодавна програма веќе е усвоена, односно од сега немаме законски пречки. Останува само законот за усвојување на еврото, кој во моментов е во консултација со Европската комисија и Европската централна банка“, оцени Василев.
Министерот за финансии додаде дека Бугарија минатата година имала дефицит од 2,2 отсто, што е во границите на дозволеното.
„Оваа година сме повторно во критериумите, и за да можеме да ја продолжиме финансиската политика и интензивната работа на воведувањето на еврото е неопходна политичка стабилност“, кажа тој. Додаде дека ЕЦБ и ЕЈ предвидуваат просечна годишна инфлација оваа година од околу три отсто.
Пред еден месец Денков навести дека Бугарија можеби нема да влезе во еврозоната на 1 јануари 2025 туку на 1 јули истата година, бидејќи ЕЦБ може да ѝ даде на земјата уште неколку месеци за да ја стави инфлацијата под контрола.