„Патријархот Даниил го увери својот брат дека православните христијани во Бугарија се молат со сето свое срце за упокојување на душите на починатите, за утеха на нивните најблиски и за брзо закрепнување на сите повредени. Болката и страдањето што во овој момент ги доживуваат нашите браќа и сестри од Македонија се во исто време и наша болка и наше страдање“, истакнал бугарскиот патријарх, соопшти Бугарската патријаршија.
Архиепископот Стефан, се посочува, им се заблагодарил на православните христијани од братската Бугарска православна црква за нивното сочувство и молитви во овој трагичен момент за цела Македонија.
„Нека преку молитвите на нашиот небесен заштитник и посредник, Пресвета Богородица, Господ наш Исус Христос им подари благодатна сила, храброст, вера и надеж на нашите браќа и сестри Македонци во ова страшно искушение“, се наведува во соопштението.
Исто така, порака со сочувство за трагедијата во Кочани, испратил и вселенскиот патријарх Вартоломеј до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и до митрополитот Брегалнички, Иларион, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од Вселенската патријаршија, Вартоломеј „му се моли на Бога за успокојување на душите на жртвите и да ги поддржи нивните семејства, како и да помогне во брзото закрепнување на здравјето на повредените“.
„Исто така, изразува сочувство и поддршка од светата голема Христова црква и лично од него до народот на Македонија, кој е погоден од трагедијата“, соопштија од Вселенската патријаршија.