Во текот на 2023 година на дневен ред пред Судскиот совет биле ставени вкупно 473 претставки од граѓани и правни лица за работата на судовите и судиите, од кои разгледани се 74 проценти, пишува во извештајот. Од разгледаните над 88 проценти или 349 претставки биле неосновани, додека 10 отсто или 41 претставка основани. Две претставки биле делумно основани и една претставка е повлечена од подносителот, се вели во извештајот за работата на Судскиот совет во 2023 година.
Како основ за поднесување на претставките, согласно спроведените анализи, во извештајот се констатира дека од вкупниот број на претставки по кои расправал Судскиот совет најголем е бројот на претставки во кои подносителите изразуваат незадоволство од утврдената фактичка состојба, односно изнесуваат жалбени наводи и бараат преиначување на веќе донесената одлука на судот или утврдување на поинаква фактичка состојба од веќе утврдената фактичка состојба од судот.
„Немаме доверба во судството, бидејќи тоа е партизирано, кронизирано. Политички спреги влијаат на развојот на каририте во судско обвинителскиот систем. Има луѓе кои се неправедно гонети, инструменти на прунуда кои наликуваат од тоталитарните системи наместно на она што би требало да биде и е дел од оценската мисија“, рече Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа укажа дека најнапред треба да се почне со морална и етичка одговорност.
„Она што ние како нова власт во нашите зложби и оние професионалци кои беа консултирани не се само од Македонија, туку и пошироко во регионот е укажувањето дека навистина спрегите кои се длабоко вкоренети во судско обвинителскиот систем и дефинитивно не можат да се ресетираат со еден удар бидејќи тоа е тоталитарен пристап, но исто така може да почне со морална и етичка одговорност“, вели Василевска.
Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците изјави дека изборот на Наќе Ѓорѓиев за врховен судија, не бил „избран“ на седница на Судскиот совет, туку надвор од него, од страна на раководството на претходната Влада.
„Лорета Ѓорѓиева има една квалификација за поранешниот судија Наќе Ѓорѓиев, а тоа е дека бил прекрасна личност и професионалец. Инаку, Лорета Ѓорѓиева е блиска другарка на господинот Зоран Заев, оној познатиот реформатор кој го отвораше судството како пупки, а нејзиниот сопруг е долгогодишен директор во комуналец Струмица и не само тоа, туку и долгогодишен соработник за одредени, би рекол изборни нерегуларности во Струмица“, појасни Милошоски.
Тој дополни дека стопанственик од Штип во 2022година, го пријавува судијата Наќе Ѓорѓиев за нестручно и несовесно работење, барање на поткуп и селективно вршење на изземање на судии за одредени фирми. Кога бил отворен предмет против поранешниот врховен судија, Ѓорѓиев му се заканил на Ивица Николовски зошто била водена постапка против него.
„Поднесувањето на оставки од страна на неколку или сите членови на судскиот совет, може да биде и предизвикување на еден морален чин, што може да предизвика од позитивна гледна точка аларм кон сите оние кои во минатото сакале или го злоупотребиле Судскиот совет, без разлика од која позиција го правеле тоа“, додаде Милошоски.
Според Милошоски Судскиот совет наместо да биде орган кој треба да наметне хиерархија, авторитет и построги правила во судството, советот дејствувал под тие правила и норми на однесување.