вторник, 22 октомври 2024

Собраниската комисија за именувања предлага разрешување на членови на АЕК и на УО на Агенцијата за железници

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја утврди одлуката со која беа разрешени членови на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) како и членови на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор. Како причини за разрешувањето беа посочени неисполнувањето на условите од Законот за електронски комуникации како и повредата на одредбите и прописите донесени врз основа на законот при вршење на функцијата.

Објавено на

часот

Сподели

На седницата денеска членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата ја утврдија и одлуката за разрешување членови на Комисијата за Агенцијата за електронски комуникации. Ова беше додадено како точка на дневен ред на седницата на предлог на пратеничката Ели Панова.

Образложувајќи ја предлог точката на дневниот ред, Панова посочи дека при самиот избор на членови на Комисијата за Агенцијата за електронски комуникации биле избрани кадри кои не ги исполнуваат условите предвидени во Законот за електронски комуникации, а подвлече и дека имало континуирано прекршување на Законот.

„Според Законот, членовите треба да имаат најмалку пет години соодветно работно искуство и посебни знаења од областа на електронските комуникации. Токму на оваа Комисија ние предупредувавме и зборувавме дека не може некој кој што не ги исполнува условите да стане член на оваа Комисија. Ова е многу важен услов, бидејќи станува збор за Комисија која што е стручно насочена во својата работа и во исто време има огромни овластувања кои се од значење за работењето на Агенцијата. Четири од вкупно пет членови на Комисијата не го исполнуваат условот од членот 16 на Законот“, додаде Панова.

На ваквиот предлог се спротивставија од опозициската коалиција.

„Ајде да не се лажаме. Единствена причина зошто ги менувате е за да поставите свои луѓе. Полека почнувате да личите на прек суд што не е коректно. Се изнесоа еден куп обвинувања на кои никој нема право на одговор. Луѓето треба да знаат дека некој решил да ги смени. Вие не дадовте право никој да даде одбрана, да каже нешто во свое име, во име на Агенцијата“, рече Соња Мираковска од НСДП.

Членовите на Комисија за прашања на изборите и именувањата ја утврдија и одлуката за разрешување членови на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, која се најде на дневен ред на предлог на пратеникот Јован Јаулески.

Како причина за разрешување, Јаулески ја наведе повредата на одредбите и прописите донесени врз основа на Законот при вршење на функцијата.

„Актуелниот состав на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор е предложен од претходниот парламентарен состав кој водеше сметка само за надоместокот кој што овие членови треба да го примат на месечно ниво, а не според способноста и ангажманот што истите требаше да ги вложат за да ја подобрат катастрофалната состојба во железничкиот сектор. За жал, со актуелниот состав ни одалеку не се остварени целите и надлежности кои ги предвидува Законот“, рече Јаулески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ