Заменик-министерката за одбрана Елфет Исмаили образложи дека во оваа мисија ќе бидат испратени двајца припадници на Армијата на период од шест месеци, сметано од февруари до август 2025 година. Финансиските трошоци за транспорт, плати и надоместоци на плати и логистичките трошоци на припадниците на Армијата за учество во меѓународната операција ги обезбедува Министерството за одбрана. Подготовките и организацијата на припадниците на Армијата за учество во меѓународната операција ги врши Министерството за одбрана. Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во Службен весник.
Без расправа, со 61 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против беа изгласани предлог-одлуката за објавување јавен оглас за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Предлог-одлуката за објавување јавен оглас за именување член на Државна комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен поднесен од пратеникот Ѓоргија Сајковски и предлог-одлуката за избор на заменик-директор на Агенцијата за заштита на личните податоци поднесен од Ѓорѓија Сајковски.
Со 62 гласа „за“, без ниту еден глас против и без воздржани Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, чии предлагачи се пратениците Александар Јамалов, Антонијо Милошоски, Бојан Стојаноски, Драгана Бојковска, Зоранчо Јованчев, Игор Здравковски и Љупчо Пренџов.
Во дискусијата се вклучи пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој нагласи дека сега Бирото за јавни набавки ќе нема право да врши управни контроли врз јавните набавки, туку, како што рече, само ќе се прави административна проверка. Според него, некој од Министерството за финансии требало да го предложи овој закон, а не група пратеници.
„Повикувам да не се гласа ова предлог-законско решение зошто е на штета на процесите на јавни набавки во нашата држава“, нагласи Битиќи.
Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека група пратеници го предлага овој закон за, како што рече, да не биде како досега, односно за да не се краде. Образложи дека прво законот бил поднесен по скратена постапка, па откако имало реакции во јавноста, го повлекле и го поднеле по редовна постапка. Спремни сме да дебатираме, како што рече, повикајте кого и да сакате, да дебатираме.
Со 63 гласа „за“, без ниту еден глас против и без воздржани Собранието го донесе Законот за изменување на Законот за употребата на македонскиот јазик и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудиовизуелните добра, за кој имаше и двојно гласање. За овој закон гласаа сите десет пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во држвата.
Во рамки на седницата, пратениците одлучија дека повеќе предлози на закони се прифатливи и можат да се дадат на натамошно второ читање. Тоа се Законот за платежни услуги и платни системи, Законот за регистрирање на готовински плаќања, Законот за девизното работење, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за банките и Законот за финансиската инспекција во јавниот сектор.
Потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски ја прекина седницата и рече дека за нејзино продолжување пратениците дополнително ќе бидеат известени