Како што информираат од Собранието, ко- фасилитаторите од Европскиот парламент на процесот на Дијалогот Жан Моне, Шидер, Валсман и Ќучук, на 20 и 21 јуни одржаа конструктивни средби со претседателот на Собранието, Талат Џафери, потпретседателите Горан Мисовски и Хусни Исмаили, како и координаторите на пратеничките групи и други членови на Работната група од Собранието за учество на Дијалогот Жан Моне.
Претседателот на Собранието, Џафери и европратениците Шидер, Валсман и Ќучук, заеднички изразиле задоволство од скорото завршувањето на процесот на измена на Деловникот на Собранието, благодарение на посветеноста на раководството на Собрание и членовите од целиот политички спектар.
„Раководството на Собранието и претставниците на пратеничките групи се согласија дека измените на Деловникот треба да бидат финализирани и усвоени што е можно поскоро, за да може Собранието да стане поефикасно, транспарентно и поефективно, исполнувајќи ги аспирациите на граѓаните. кон членството во ЕУ. Претседателот на Собранието Џафери и европратениците, исто така, се согласија дека следната рунда од Дијалогот Жан Моне може да се одржи наесен, во куќата на Жан Моне, во Базош, Франција“, соопштија од Собранието.