Според Ајдари, Владата не успеала да обезбеди меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме, за кои рече ја имаат разнишано стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава.
Во врска со интерпелацијата поднесенa против вицепремиерот Изет Меџити, посочи дека тој не ги заштитил интересите на албанската заедница и толерирал дискриминација, игнорирајќи ги неправдите кон Албанците.
„Меџити толерираше дискриминација и ја игнорираше неправдата кон Албанците. Меџити молчи за дискриминацијата и понижувањето што ги доживеа албанската заедница и не ги искористи овластувањата за да обезбеди еднаков третман за сите граѓани. Неговите изјави кои помогнаа да се поддржи селективниот пристап кон меѓуетничките настани јасно го демонстрираат неговиот неуспех да управува со ситуацијата еднакво и правично. Наместо да помогне во создавање можности за меѓуетнички дијалог, тој придонесе за ескалација на кризите“, рече Ајдари.
За работата на Тошковски и Исеини, истакна дека спречиле мирна и традиционална прослава на Албанците, која според Ајдари, секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред, пратеничката од Европскиот фронт вели поттикнала конфронтации и ескалација на тензиите.
Во врска со интерпелацијата поднесена против работата на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, рече дека бил против гласањето на земјава на заедничката резолуција со која масовните убиства во Сребреница беа признати како геноцид, како и изразувал ставови против жртвите на геноцидот.
„Еден од најважните настани кои го одбележа неуспехот на Панче Тошковски и Астрит Исеини е начинот на којшто постапуваше полицијата за славењето на албанското знаме, каде органите интервенираа на невиден и неоправдан начин, спречувајќи мирна и традиционална прослава на Албанците која секогаш била во празнична атмосфера секаде каде што живеат Албанци. Оваа интервенција предизвика непотребни тензии и ја поткопа атмосфгерата на меѓуетнички соживот. Полицијата наместо да го одржува јавниот ред и да држи неутрален став, поттикна конфронтации и ескалација на тензиите“, посочи Ајдари.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски пак изјави дека СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите за владините функционери затоа што смета дека нема потреба од нови поделби по етничка основа.
Според него, причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.
„Немаме ниту еден збор во интерпелациите зошто не се преземаат мерки за нечистиот воздух и непреземањето иницијативи на минситерот за екологија, немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чиста во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски“, рече меѓу другото Спасовски.
„Сето ова говори дека намерите се поинакви и отворање на нови димензии во однос на етничките прашања“, додаде пратеникот.
Околу интерпелацијата за пратеничката Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, Спасовски вели дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот се вика Африм Гаши.
„Не е никој друг виновен. Кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Гаши, Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо“, истакна координаторот на пратеничката група. Кога поднесовме Закон за правата на бранителите, сите излегоа и рекоа дека ова ќе ги подигне меѓуетничките односи. Не сакаме да учествуваме во нешто што сме го граделе со години, а сега да разговараме за теми со друга позадина. Не е вистинската позадина уривање на неколку министри во Владата“, додаде Спасовски за интерпелациите.
На седницата, која почна да ја води претседателот на Собранието Африм Гаши, пратениците треба да расправаат и за интерпелацијата што во Парламентот ја поднесе пратеничката група на Левица против Илире Даути – пратеничка на Алијанса за Албанците од опозициската коалиција Европски фронт и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади.
Пред да биде усвоен дневниот ред со петте точки, Гаши даде еден час пауза по процедуралното барање на пратеникот од Левица Борислав Крмов за, како што рече, дополнителни консултации.
Девет пратеници од Европски фронт (Арбана Пашоли, Блерим Беџети, Дијана Тоска, Елми Азири, Илир Демири, Илире Даути, Рина Ајдари, Садула Дураки, Сали Мурати) интерпелациите за членовите на Владата ги поднесоа на 3 декември 2024 година, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември 2024 година.
Шестемина пратеници на Левица (Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил, Сашко Јанчев) предлогот за отповикување на Илире Даути од функцијата го поднесоа во Собранието на 21 ноември 2024 година поради тоа што таа го блокира Законот за бранителите со тоа што не го става на дневен ред на комисијата со која претседава.