сабота, 27 јули 2024

Собранието на Република Српска го усвои Законот за криминализација на клеветата

Објавено на

часот

Сподели

Од 63 пратеници кои присуствуваа на седницата на Собранието на ентитетот при гласањето, 47 ги поддржаа измените на Законот, а 16 беа против.

Законот, кој ја прогласи клеветата за кривично дело со парични казни, беше усвоен и покрај неколкумесечните предупредувања од новинари и активисти дека тој претставува напад на слободата на мислењето и чекор кон воведување цензура во РС.

Во текстот на законот, клевета се дефинира како давање злонамерни или невистинити изјави за некоја личност.

За време на претходната расправа за овој законски предлог, опозициските партии во Собранието на РС побараа спорниот закон да се повлече од дневниот ред.

За време на собраниската расправа за предложениот закон, Игор Црнадак, член на опозициската Партија за демократски напредок, рече дека власта се обидува да создаде „послушно општество“ со воведување кривична постапка за клевета.

„Со донесување на овој закон ќе имате ситуација во затвор да играат шах човек кој убил и човек кој кажал виц за политичар во кафана“, рече Црнадак.

Од друга страна, предлагачот на измените на законот, министерот за правда на РС, Милош Букејловиќ, во вторникот во своето обраќање пред пратениците оцени дека со „инсинуации“ преку наслови и текстови се создава „неточна“ слика дека со криминализацијата на клеветата им се угодува на поединци во РС, а не на граѓаните.

ЕУ изрази „сериозна загриженост поради законодавните иницијативи за криминализирање на клеветата насочена кон граѓанското општество во ентитетот Република Српска“. Ставот на ЕУ е дека усвојувањето на вакви законски решенија е чекор назад на европскиот пат на БиХ.

Комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во четвртокот за „Независне новине“ од Бања Лука изјави дека овие законски решенија несомнено ќе го влошат и онака неповолниот амбиент за медиумска работа во РС.

„Законите што ја криминализираат клеветата може да имаат далекусежни негативни ефекти врз човековите права, вклучително и слободата на изразување, и претставуваат закана за критичкото, независно новинарство и го отежнуваат следењето и контролата на оние кои се на власт“, ​​рече Мијатовиќ.

Од опозицијата порачаа дека нема да бидат заплашени со закани за кривично гонење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ