сабота, 19 октомври 2024

Собранието денеска треба да го добие од Џафери составот и програмата на преодната влада

Денеска попладне се очекува мандатарот на идната техничка влада, Талат Џафери до Собранието на Македонија да го достави составот и програмата на идната техничка влада, а пак, пленарната седница за избор на преодната влада треба да се одржи утре. Од собраниската прес-служба најавата за седницата би требало да ја соопштат денеска  попладне.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера, Собранието ги констатираше оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, а во рамки на седницата пратеникот Јован Митрески од СДСМ беше избран за претседател на Собранието.

Вчера и шефот на државата Стево Пендаровски му го врачи мандатот на Џафери за состав на преодната Влада, а по добивањето на мандатот, Џафери вети дека врз основа на законите и Уставот, преговорите за состав на преодната Влада ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата.

„Со задоволство и потполна одговорност го примам мандатот од претседателот на државата, со ветување дека совесно и врз основа на законите и Уставот, составот на Владата и преговорите за составот на Владата ќе се одвиваат соодветно на политичката потреба и состојба во државата“, рече Џафери, изразувајќи надеж дека преговорите ќе кулминираат со соодветен состав на Владата.

Џафери, кој досега ја извршуваше функцијата претседател на Собранието, при примопредавањето на функцијата на новиот претседател на Собранието, во изјава за медиумите рече дека не се сомнева оти  Mитрески ќе одговори на должноста и на одговорноста што произлегува од функцијата.

 

Митрески беше избран со 64 гласа „за“ и 40 „против“. Пратениците од Европскиот сојуз на промени не присуствуваа на седницата поради бојкот.

Во обраќањето пред пратениците, Митрески рече дека останува отворен за соработка со сите пратенички групи.

„Како секој пратеник, така и за мене изборот за претседател е голема чест, но пред се одговорноста е уште поголема. Во таа насока ве уверувам дека со посилен интензитет ќе продолжам да работам во интерес на функционалноста и ефикасноста на Собранието, секако во согласност со Уставот, со Деловникот, со законската регулатива, но пред се во интерес на граѓаните и државата“, рече Митрески, изразувајќи уверување дека заеднички ќе продолжат да ја јакнат демократијата.

Во текот на собраниската расправа, пратениците од СДСМ и коалицијата посочија дека самиот факт што зад Митрески застанале пратеници од најголемиот број парламентарни партии во Собранието зборува не само за неговиот кохезивен потенцијал, туку и за довербата што пратениците ја имаат во него и неговото искуство да ја преземе функцијата без проблем.

За опозицијата, пак, Митрески не може да го поправи она што се случувало во изминатите шест години во законодавниот дом затоа што и тој, директно или индиректно бил учесник во процесите и настаните во кои, како што посочија, наместо интересите на граѓаните, во прв план биле личните интереси и партиските пазари.

 

Во состав на преодната влада, прв заменик премиер на Владата, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ, ќе биде Бојан Маричиќ, кој исто таа останува и вицепремиер за европски прашања, додека Артан Груби кој досега ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем, ќе биде министер за политички систем.

На опозицијата и припаѓаат министерските места во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика и дополнителни заменички места во министерствата за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.

 

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ на овие места предложени се Панче Тошковски за технички министер за внатрешни работи и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика. За дополнителен заменик– министер за финансиии е предложена Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

Познати се и имињата на министрите и дополнителните заменици министри кои доаѓаат од редовите на СДСМ. Актуелниот шеф на Кабинетот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Митко Бојмацалиев е кандидат за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а на министерските места во култура, животна средина, транспорт, одбрана и земјоделство предложени се досегашните министри.

За дополнителни заменици министри од редовите на СДСМ предложени се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа. За дополнителен заменик министер за труд и социјална политика предложена е досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Од ДУИ и Алијанса на Албанците потврдија дека остануваат со истите кадри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ