сабота, 27 јули 2024
Премиерот по посетата на Мако маркет

Со закон за забрана на нефер трговски практики ќе се намалат и цените на производите, смета Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека со носењето на Законот за нефер трговски практики ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел да се остварат поголеми стапки на добивка и дека ќе придонесе за намалување на цените на производите.

Објавено на

часот

Сподели

„Законот за забрана на нефер трговски практики го регулира синџирот од производство до продажба на финален производ наменет за домашниот пазар. Со него ќе бидат исклучени можностите да се користат неетички практики со цел одредени играчи во дистрибутивниот канал без разлика дали се тоа големопродавачи или малопродавачи да ја користат својата доминантна пазарна позиција и за остварување на поголеми стапки на добивка визави производителите и визави купувачите“, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на скопската компанија Мако Маркет заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и додаде дека законското решение може да се види на ЕНЕР.

Нагласи дека досега во земјава не сме имале вакво законско решение кое, како што кажа, е пракса во некои од земјите во ЕУ.

„Закон за нефер трговски практики ние никогаш не сме имале. Меѓутоа, има земји во ЕУ коишто го имаат и тој ќе оди со европско знаменце затоа што навистина регулира значаен дел. Сметам дека ќе биде одличен закон кој ќе овозможи намалување на цените кога ќе видите какви се работи и други трошочни елементи коишто што се вклучуваат во финалната цена на еден производ ќе бидат ограничени да бидат правени како пракса“, рече Ковачевски.

Посочи дека останатите производи се регулирани согласно други закони.  

„Горивата се регулирани од страна на РКЕ, потоа постојат и други институции коишто го регулираат тргувањето со други производи. За лековите постои МАЛМЕД, постојат и други институции чие што работење исто така ќе го споредиме со најдобрите практики во ЕУ и исто така ќе може и тука да се направат интервенции“, нагласи Ковачевски.

Како ќе се приближуваме кон ЕУ, додаде, така ќе има и други закони коишто досега не се ни претпоставувало дека може да бидат имплементирани во нашата држава.

Инаку, премиерот најнапред се осврна на посетата на Мако маркет, истакнувајќи дека Владата продолжува со посети на домашни компании за да го слушне нивниот глас и да го следи нивниот чекор во делот на развојот.

„Како и многу други компании, и денешната е дел од стотиците компании, кои, во изминативе години беа и се поддржани со буџетски средства со што го модернизираа процесот на производство и станаа уште поконкурентни на нашиот, но и на меѓународните пазари“, рече Ковачевски.

Заблагодарувајќи се на компанијата која во знак на поддршка на последните владини мерки ги прилагоди цените на производите кои ги дистрибуира и кои се дел од нивното сопствено производство, премиерот Ковачевски нагласи дека Владата во изминатиот период донесе низа мерки за заштита на животниот стандард и заштита на ликвидноста на компаниите.

„Ние како Влада и министрите од економските ресори на дело, на терен овде покажуваме што е вистинска грижа за компаниите“, рече Ковачевски.

Мако маркет во 2020 година започнала инвестицискиот проект од над еден милион и 400 илјади евра за проширување на производствените капацитети, за што поддршката од Владата досега изнесува над 10 милиони денари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ