четврток, 29 февруари 2024

Со сезонска ски карта од Ресорт Маврово може да се скија низ поранешна Југославија

Објавено на

часот

Сподели

Ова значи дека секој што ќе купи ски карта од Ресорт Маврово, бесплатно, може да скија два дена во Олимписки центар Јахорина. Покрај договорот со овој центар, Ресорт Маврово вакви договори склучи и со други ски центри во регионот за зимската сезона 2023/24. Скијачите кои купиле сезонска карта за Ресорт Маврово може да скијаат три последователни дена во скијачките центри на Скијалишта Србије – Копаоник, Златибор и Стара Планина, Олимпискиот центар Бјелашница и Игман и центарoт Колашин 1600 на Скијалишта Црнa Горе.

Од друга страна, Олимпискиот центар Јахорина ги обнови договорите за соработка со центрите на Црна Гора, на Словенија и на Романија. Ресорт Маврово жали дека со Попова Шапка не потпиша ваков договор.

„Нашиот сезонски ски пас од Јахорина ќе важи од Словенија до Македонија. Тоа значи дека секој што ќе купи сезонска ски карта ќе може бесплатно – гратис да скија 3 дена во ски центрите со кои имаме договор, што е голема придобивка за скијачите. Во глобален контекст во однос на предизвиците, ја истакнуваме важноста од заедничката соработка, делење на ресурсите и искуствата. Регионалната соработка игра клучна улога во зачувување и унапредување на културата на скијање. Со овој чекор ја отвораме вратата за реализација на нови амбициозни цели, вклучувајќи ја и можноста за организација на нови олимписки игри во нашиот регион“, рече Дејан Љевнаиќ, директор на Олимписки центар Јахорина.

Според него, Македонија има најдобар потенцијал од сите земји од поранешна Југославија. „Имате високи планини, тука во Маврово имате езеро за заснежување. Ние немаме море и останува да вложуваме во планини, но важно е да се има добри експерти оти грешките скапо ќе чинат. Мора да се здружат сите и централни и локални власти за да се развие туризмот. Сега е полесно да се најдат пари за инвестирање, но малку потешко е да се најде човечкиот капитал“, изјави Љевнаиќ.

Во изминативе пет години во Олимпискиот центар Јахорина се вложени 76 милиони евра кои резултирале со зголемување на посетите од 30.000 на 412.000 посети годишно.

„Од размената на искуства во регионот дознаваме дека не постои успешен центар без разлика дали е управуван од државата или од приватен концесионер, каде во инвестицискиот план не учествува државата. Инвестициите во туризмот резултираат со десеткратно враќање на инвестицијата, не само во туризмот туку и во другите кономски сектори на државата“, објасни Огњан Циговски од Ресорт Маврово.

На средбата присуствуваа претставници на ски центрите Попова Шапка и Крушево, со кои констатиравме дека климата за соработка меѓу домашните ски центри е одлична и дека сме спремни за дијалог со државата.

„Планот за соработка меѓу сите ски центри, локално и регионално не е ништо ново. Ова постои години наназад во Европа. Видовме дека е возможно на Балканот, имаме ентузијазам да го реализираме и кај нас. Годинава на голема радост на сите, снегот пристигна во ноември и ги вложивме сите напори да отвориме скијање во Маврово на 30 ноември, со промотивна една дневна карта од 750 денари. Понудата ќе трае до крајот на неделата од кога почнува и регуларната скијачка сезона 2023/24“, рече Циговски.

За разлика од регионот, според него, нашите власти и не толку вложуваат за развој на зимските туристички центри, иако се работи за планинска земја со голем потенцијал. Македонија е земја со 80 проценти планински масиви на своја територија. Имаме 52 врва над 2.000 метри надморска висина, но и немаме ниту еден конкурентен планински центар во регионот, објасни Циговски.

На потпишување на Договорот за соработка присуствуваа и претставници на скијалиштата од Крушево и Попова Шапка, како и босанскиот амбасадор Драган Јаќимовиќ, кој го поздрави договорот и истакна дека само ваквите чекори ќе придонесат заз големување на странските туристи во двете земји.

„Од минатиот месец имаме директна линија Скопје – Сараево, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и особено ми е драго, што повеќе од 22 проценти е зголемен бројот на туристи од Босна во Македонија и обратно. Ние ќе воведеме и авионска линија Бања Лука – Охрид“, изјави амбасадорот Јаќимовиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ