сабота, 27 јули 2024

Со Русите и Литванците ќе ковеме планови против Грците

Објавено на

часот

Сподели

Лани водеа војна, летово ќе тренираат заедно: Антиќ во дуел со Кириленко

Станува збор за заеднички камп, кој би се одржал во некој литвански град, на три од четирите европски репрезентации што ќе настапат на турнирот во Каракас, а кои, според стручњаците, се најсериозни кандидати за обезбедување на некоја од трите олимписки визи што ќе се делат на турнирот во Јужна Америка. Последна од селекциите од стариот континент е Грција, која во Каракас сигурно ќе има сериозни проблеми со македонско-руско-литванската коалиција.

„Гостувањето во Литванија веќе е начелно договорено и мислам дека ќе биде од исклучителна важност за кошаркарите. Подготовките за олимписките квалификации се во многу незгоден период, поради што речиси сме принудени да работиме со другите европски селекции што настапуваат во Венецуела. Имаме одлични односи со руските и литванските кошаркарски работници и мислам дека сè ќе мине во најдобар ред“, ни изјави Илија Мерџановски, директорот на репрезентациите во Македонската кошаркарска федерација (МКФ).

Каукенас (десно) летово ќе му биде домаќин на клупскиот колега Мекејлеб

Кошаркарите директно од Литванија ќе заминат во САД, каде што ќе го минат аклиматизацискиот период на условите, пред сè на часовната зона, кои ќе владеат во Венецуела. Прв избор на луѓето во МКФ е тренинг-кампот да биде лоциран во Мајами или во некое друго место на Флорида.

„Веќе имаме одредени контакти со македонски иселеници во тој дел од САД, каде што планираме да минеме 5-7 дена тренирајќи и истовремено аклиматизирајќи се на временските услови. Се надевам дека ќе успееме да го оствариме планираното“, дополнува Мерџановски.

За да се обезбеди беспрекорна организација на подготовките за олимписките квалификации, претставници на МКФ кон крајот на месецов прво во Каракас ќе присуствуваат ждрепката на групите за предолимпискиот турнир, а потоа тие ќе имаат неколкудневна турнеја низ САД. Преку барата тие ќе се обидат да ја средат логистиката за подготвителниот период. Престојот во престолнината на Венецуела, пак, ќе биде искористен за договарање средби за последната фаза од подготовките.

„Мора да бидеме на ждрепката бидејќи таму ќе се договараат пријателските средби во пресрет на турнирот. Ќе треба да бидеме брзи во обезбедувањето противници бидејќи изборот на селекции што ќе тренираат во тој период ќе биде мал. Наш прв избор се селекциите на Доминиканска Република и на Порторико, но ќе видиме дали ќе се договориме или ќе бараме други варијанти“, завршува Мерџановски.

Македонските кошаркари можноста да дојдат до историски пласман на ЛОИ 2012 во Лондон ја добија со пласманот на четвртото место на ланското Европското првенство во Литванија. На предолимпискиот турнир во Каракас покрај нашата ќе настапат уште и селекциите на Русија, Литванија, Грција, Доминиканската република, Порторико, Венецуела, Нов Зеланд, Ангола, Нигерија, Јордан и Јужна Кореја. Селекциите ќе бидат поделени во четири групи во кои однапред ќе бидат распределени европските тимови, кои не смеат да се сретнат меѓу себе во првата фаза од турнирот.

Игор Крстевски

[video:http://www.youtube.com/watch?v=tuhQg62QcXs]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ