Учениците од ова основно училиште пред два дена почнаа со бојкотот откако проблематичниот ученик, по неуспехот да се префрли во ОУ „11 Октомври“ (каде што исто така протестираа родителите на учениците од ова училиште), беше вратен во ОУ „Лазо Ангеловски“. Родителите од одделението на ова дете уште лани бараа проблематичниот ученик да се пресели во некоја друга институција.
Денеска во училиштето бил присутен тим составен од Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение.
Родителите бараа детето да не биде физички присутно во училиштето. Тие барања, со решението за онлајн настава, се прифатени.
Весна Јаневска, министерката за образование и наука денеска побара на надлежните институции да им се дадат неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје апелирајќи да не се продолжи со стигматизација на ученикот во јавноста.