сабота, 19 октомври 2024

Со ребалансот на Буџетот останаа „да висат“ минималната плата, колективните договори, здравството

Министерствата, државните институции, јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост да не планираат потпишување на колективни договори и да не се задолжуваат повеќе од парите што ги имаат во буџетот е еден од заклучоците на Владата на последната седница, а во пресрет на најавената собраниска седница, закажана за четврток, на која ќе се расправа за предложениот ребаланс на Буџетот. Минисерката за финансии Гордана Димириеска Кочоска тврди дека пари ќе има за сите што претходната Влада ги „заборавила“, а тоа се студентите, медиумите, плаќање на долгови по основ на судски решенија. Ова ќе значи дека државата ќе мора да „влезе во дупка“ од нови 300 милони евра.

Објавено на

часот

Сподели

„Меѓу нив се задолжуваат буџетските корисници при склучување на колективните договори да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година и утврдените максимални износи на расходи на среден рок. Јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост при склучување на колективните договори треба да побараат мислење од Министерството за финансии. При имплементација на Буџетот, буџетските корисници да не преземаат обврски над обезбедените средства со буџетот за соодветната фискална година“, пишува во заклучоците на Владата.

Токму во оваа насока оди и изјавата на министерката за обрзование и наука Весна Јаневска која минатата недела изјави дека пари за наставниците нема, а колективниот договор во образованието ќе се потпише кога ќе се создадат услови за тоа.

„Јас сум професор, јас сакам професорите да имаат високи плати, ама јас сакам и минималната плата да е поголема. ако стопанството тоа не може да го издржи, сметам дека тоа беше чист политички популизам кој нѐ донесе во уште потешка ситуација. моите наставници, наставниците на мон, наставниците на оваа држава нема да ги лажам, кога ќе има услови, а сигурна сум дека до крајот на мандатот ќе има услови, дај боже и порано да има услови, ќе се потпише колективниот договор и тие ќе си добиваат плата по колективен договор“, изјви Јаневска.

Што се однесува до институциите кои сами се финансираат, од Владата им порачаа да не чекаат на државата туку долговите да ги плаќаат од своите сметки.

„Буџетските корисници исто така се задолжуваат континуирано да ги спроведуваат активностите за наплата на сопствените приходи и да ги почитуваат обврските за навремено пријавување на доспеани, а не платени обврски. На општините, јавните претпријатија и трговските друштва во државна сопственост им се препорачува да ги наплатуваат сопствените приходи и да ги намалат непродуктивните трошења. Работодавачите од јавниот сектор да преземат итни активности за спроведување на функционална анализа и за тоа да ја информираат Владата“, е уште еден заклучок од последната владина седница.

Заборавени биле студентите, медиумите, судските одлуки…

Минисерката за финансии Гордана Димириеска Кочоска тврди дека пари ќе има за сите обврски што ги има државата иако тоа ќе значи дека ќе мора да „влезе во дупка“ од нови 300 милони евра.

„Со ребалансот на Буџетот се обезбедени пари за исплата на плати, пензии и законски обврски. Како што посочи, обезбедени се 4,1 милијарда денари за плати од кои 1,1 милијарда денари за блок дотации кои не биле планирани во основниот буџет, пет милијарди денари за пензиите, 600 милиони денари за исплата по судски решенија, една милијарда денари за исплата на законската финансиска помош во зоните, што не била обезбедена, 322 милиони денари за Државна изборна комисија кои не беа испланирани за исплата на медиумите согласно Изборниот законик, 644 милиони денари за студентски оброк и за стипендии. Во дел од институциите имаше плати само за до јуни месец. Пет милијарди денари за исплата на пензиите. Морам да напоменам дека средствата за 2024 година би биле доволни доколку декемвриската пензија не била реално исплатена во јануари. Нереално е прикажан на овој начин помал буџетски дефицит и затоа тој сега бележи раст. Обезбедени се 5,1 милијарда денари за отплата на кредитите кон странство во име на државни и јавни претпријатија. ЈПДП, Железници, ЈСП, ЕСМ не се во состојба да ги враќаат кредитите за кои се издадени државни гаранции“, рече Димитриеска Кочоска на прес конференцијата минатата недела на кој го претстави предлогот за ребаланс на Буџетот.

Минималната плата „виси“, се крати и во здравството и одбраната…

Со ребалансот на Буџетот некој ќе добие повеќе, а некој помалку државни пари.

Што се однесува до покачувањето на минималната плата од околу 360 евра, колку што сега изнесува, на 450 евра, Димитриеска Кочоска нема конкретен одговор.

„Она што е планирано за корекции на платите во администрацијата поради инфлацијата ќе се оствари, но за други покачувања прво ќе се проверува состојбата. Паралелно со тоа ќе се види што ќе се прави со минималната плата“, рече министерката.

Синдикатите, пак, бараа во првите сто дена новата Влада да ја покачи минималната плата на 450 евра.

Ќе се крати и кај одбраната, здравството, финансиите, во транспортот. Помалку пари има и за тајните служби, но и кај Владата. Двојно помалку пари се предвидени и за изградба на Клиничките центар во Скопје и Штип, за болницата во Кичево како и за набавка на медицинска опрема во јавните здравствени установи. Реконструкцијата на студентските домови ќе почека.

Министерката тврди дека државниот Буџет бил оштетен за повеќе од 500 милиони евра и му порача на Јавното обвинителство да реагира.

Со ребалансот на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 133 милиони евра, а расходите се планирани во износ од над 300 милиони евра.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ