Во официјалното соопштение се вели дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Светиот престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, денеска во Апостолската палата имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, неговата светост, папата Франциско.
Во соопштението се додава дека претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за упатените честитки од папата Франциско по повод нејзиниот избор за претседател и истакнакла дека ѝ претставува особена чест во годината кога се одбележува 30 – годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави, да ја предводи државно-црковната делегација на овој значаен настан.
Таа истакнала дека историската посета на папата Франциско на нашата земја остави силна трага во билатералните односи и го потврди високиот степен на доверба и пријателство меѓу двете држави.
Претседателката, како што се наведува понатаму во соопштението, изразила уверување дека за време на нејзиниот мандат нашата држава уште поинтензивно ќе се залага за продлабочување на севкупните односи со Светиот престол, со цел јакнење на партнерството и негување на меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции.
Претседателката Сиљановска Давкова и папата Франциско ги разгледале можностите за унапредување на институционалната соработка во областа на образованието, науката и културата и размениле мислења за тековните предизвици со кои се соочува католичката заедница во нашата држава.
„Посочувајќи дека во нашата земја постои традицијата на почит кон различностите и висока свест за позитивната улога на религијата во развојот на општеството, претседателката го потенцираше значењето и придонесот на католичката црква и ја изрази нејзината подготвеност за продолжување на соработката со католичката заедница“, се наведува во соопштението.
На средбата традиционално биле разменети подароци, при што, претседателката Сиљановска Давкова на папата Франциско му подарила голема резбa со мотив од птицата феникс којшто претставува симбол на вечноста.
„По аудиенцијата кај папата Франциско во изјава за медиумите претседателката Сиљановска Давкова истакна дека на долгата средба со папата најпрво се усогласиле околу актуелните проблеми, околу поддршката на Ватикан на патот кон Европската Унија, поддршката на Ватикан на Западен Балкан. Претседателката во изјавата посочи дека изразила разбирање за склучување на Конкордат со Ватикан, затоа што системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на католичката црква и христијаните од католичката религија кај нас и рече дека изразила желба да се отвори Нунцијат кај нас бидејќи така ќе може навистина да биде директна соработката. Претседателката Сиљановска Давкова, посочувајќи ја соработката во многу области во сферата на високото образование, библиотекарството, конзервирањето итн., рече дека изразила спремност да продолжи таа соработка“, наведуваат од кабинетот на Сиљановска Давкова дел од нејзината изјава за медиумите.
На крајот се додава дека претседателката Сиљановска Давкова денеска остварила средба и со државниот секретар на Светиот порестол, монсињор Пјетро Паролин, на којашто била изразена цврста подготвеност за продолжување на конструктивната соработка во духот на меѓусебното разбирање и заедничките вредности.