сабота, 27 јули 2024

Со испитувањето на сведоци продолжи судењето за случајот „Жан Митрев“

Објавено на

часот

Сподели

За време на денешното судење, двајца сведоци одговараа на прашања поставени од страна на обвинителството и одбраната околу процедурите и начинот како стигнале до лекување на нивните блиски во клиниката на Жан Митрев, со посебен акцент во однос на спроведување на хемофилтрацијата.

Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година беше објавен документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Како што информираа од ОЈО – Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.

Судот одлучи судењето да продолжи со испитување на сведоците на 4 септември во 10 часот. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ