сабота, 27 јули 2024

Со донација од НАТО ќе се обновуваат мостови и патишта

Објавено на

часот

Сподели

Тоа било договорено на Економскиот совет на Владата, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

„Покрај мостовите ќе се реконструира и патната инфраструктура на делницата од Велес до Скопје. Сега се реконструира патниот правец од Скопје кон Велес. Останува во наредниот период на техничко ниво да се договорат сите детали. Она што нема да го реконструира НАТО ќе оди преку Агенцијата за држави патишта. Сепак, нашата крајна цел е кон крајот на 2014 година да ги имаме целосно санирани и патниот правец од Скопје кон Велес и од Велес кон Скопје кои се во лоша состојба“, вели министерот Јанакиески.

Тој додаде дека проектот, кој е во трета фаза, НАТО го одобри на многу дописи и барања од Владата, бидејќи, како што рече, тоа беше обврска во нивниот меморандум за разбирање.

На седницата, како што информира, станало збор и за објавите за локации за отворање откупно-дистрибутивни центри, и тоа во Ресен, за каде што објавата е до 16 февруари, и за Валандово и Чешиново-Облешево, за што објавите се до 7 февруари. Сите објави се доставени до Агенцијата за привлекување странски инвестиции и Министерството за надворешни работи со цел да се анимираат повеќе странски инвестиции.

Министерот потсети дека досега во текот на 2011 година се продадени пет локации за откупно-дистрибутивни центри во Штип, Струмица, Чешиново-Облешево, Кочани и во Врапчиште.

Во врска со анализата на Европската комисија во која Македонија по Турција има најголем раст во 2011 година од земјите-кандидати и потенцијални кандидат за ЕУ, министерот рече дека тоа е потврда за добрите економски политики на Македонија и стимул за економските министри да продолжат со своите активности за забрзан економски раст.

„Еден од резултатите на овој Економски совет е растот на БДП во Македонија. И натаму со конкретни мерки ќе се заложиме да го одржиме овој економски раст, како и да го зголемиме, и да се оствари оној раст што е проектиран од Владата за 2012 година“, додаде министерот за транспорт и врски Јанакиески.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ