петок, 26 јули 2024

За документи без „Северна“ нема казни, ама нема ни патување во странство

Министерството за внатрешни работи по 12 февруари нема да казнува за непроменети документи на кои стои „Република Македонија“, без „Северна“. Според Преспанскиот договор, граѓаните треба да ги сменат личните карти, пасошите и возачките дозволи во рок од пет години од влегувањето во сила на уставните измени, а тој рок истекува во февруари. Ова значи дека со документи без „Северна“ нема да може да се излегува од земјава, а личните карти и возачките дозволи што не се со измината важност, а на кои стои Република Македонија, ќе важат секаде во земјава.

Објавено на

часот

Сподели

„Ве известуваме дека МВР ги користи сите капацитети за граѓаните да добијат лични документи. Покрај редовното работење со закажан термин, овозможивме и фотографирање за лични документи без закажан термин во ПС Пролет. Што се однесува до подигнувањето на веќе готовите документи, шалтерите работат и преку викенд и тоа соодветно го најавуваме преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи. Бројот на сменети документи од 5.7.2021 до 31.12.2023 е: лични карти 1.007.885, пасоши 1.169.463 и возачки дозволи 529.799. Потенцираме дека нема да има никакви казни за граѓаните што нема да ги сменат документите“, велат од МВР за МКД.мк.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека личните документи како личните карти, кои се за внатрешна употреба, ќе важат и по истекот на рокот за нивна замена, а во однос на пасошите рече дека ќе се разгледаат сите опции.

Во врска со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за личните документи, Ковачевски рече дека секоја иницијатива може да биде разгледана и дека Уставниот суд ќе го каже своето мислење.

„Ние во различни одвоени средби, бидејќи Уставниот суд е највисоката судска инстанца, имаме разговарано на поединечно ниво во однос на тоа“, рече тој. Премиерот информираше дека вработените во Министерството за внатрешни работи веќе имаат издадено 1.200.000 пасоши во државата, што, според него, значи дека се работи со големо темпо.

„Јас знам дека сите сакаат повеќе да критикуваат, меѓутоа треба да им се каже и фала на оние вработени што работат деноноќно, и на сликање на граѓаните, и на изработка на документите, и на издавање на документите, така што 1,2 милиони пасоши не е мала бројка. Верувам дека ќе се продолжи со такво темпо, а ние ќе ги испитаме сите можности со цел доколку биде потребно да се направи пролонгирање во делот на пасошите, бидејќи тие им служат за граѓаните да можат да патуваат надвор од земјата“, рече Ковачевски.

Претседателот Стево Пендаровски за процесот на промена на личните документи поради промената на уставното име на државата предлaгa пролонгирање на рокот за нивно вадење.

„Прво, тоа е срамно понижување на македонските граѓани. И непотребно. Второ, ова им го предложив на најмалку двајца министри во македонската влада – со брза интервенција во два закони – закон за лична карта и закон за патни исправи, и ако е потребно и законот за безбедност во патниот сообраќај, тоа се прави во едно попладне. Знаеме дека може да се направи во едно попладне, не мора со европско знаменце да биде. Ќе ги измениме тие два закони, ќе го пролонгираме рокот, наместо февруари да биде септември-октомври, претходно ќе ги известиме и Грците дека немаме намера да бегаме од обврските од Преспанскиот договор“, рече пред неколку дена претседателот Пендаровски.

Дали ќе се продолжи рокот засега не се знае.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ