петок, 18 октомври 2024

Со декриминализацијата на клеветата се намалија тужбите, се зголеми штетниот наратив

Она што требаше да биде унапредување на слободата на говорот за новинарите, а поле за фер и демократска политичка борба за политичарите, се претвори во ринг на заплашување, казнување и одмазда кон критички настроените, но и ринг за штетни наративи користени од политичарите за неосновани квалификации, непоткрепени обвинувања и клевети кон политичките противници, што придонесува да се шират лажни вести, дезинформации и манипулации, заради остварување на политичката цел, а на штета на јавниот интерес.

Објавено на

часот

Сподели

Во последните три години во најголемиот и специјализиран суд за граѓански предмети, Граѓанскиот суд Скопје, се заведени 69 предмети за клевета и навреда во кои странки се јавуваат политичари, покажуваат податоците на судот. За тоа како завршуваат овие судски спорови и дали одредената казна ја постигнува целта нема точна бројка, затоа што многу од предметите се враќаат од второстепениот, Апелациски суд, до првостепениот, Граѓански суд, предмети што се заведуваат под нов број. Дотогаш политичарите не престануваат со неоснованите квалификации, непоткрепени обвинувања и клевети кон политичките противници, што придонесува да се шират лажни вести, дезинформации и манипулации, само заради остварување на политичката цел, а на штета на јавниот интерес.

За клевета и навреда не се оди во затвор

До 2012 година клеветата и навредата беа кривично дело за кое покрај паричната казна беше пропишана и казна затвор до три години. Сега не постои такво кривично дело со кое би биле казнети политичарите за изнесени неосновани квалификации или непоткрепени обвинувања.

Но и по декриминализацијата на клеветата и навредата, практиката покажа дека судовите изрекуваа драконски казни во зависност од тоа дали станува збор за новинар или политичар од власта и опозицијата.

Во врска со ова, највпечатлив случај од судската практика е оној кога Граѓанскиот суд Скопје во 2014 година го осуди тогашниот лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица, Зоран Заев, дека го наклеветил тогашниот премиер Никола Груевски обвинувајќи го дека продажбата на Македонска банка била направена на криминален начин. Груевски првично бараше оштета од 500.000 евра, а подоцна да го намали побарувањето на 50.000 евра.

Истиот суд една година порано, во јули 2013, исто така пресуди во корист на тогашниот премиер Никола Груевски, кој го тужеше тогашниот претседател на НСДП, Тито Петковски, и пресуди на Груевски да му бидат исплатени 10.500 евра, 5 илјади помалку од тоа што Груевски го бараше. Тогашниот премиер го тужеше Петковски затоа што изјавил дека „премиерот со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите нации во 2008 се согласил новото име на државата да биде Република Македонија (Скопје)“.

Сепак, Европската конвенција за заштита на човековите права и македонскиот Кривичен законик во исклучителни случаи предвидуваат и ограничувања на слободата на мислата и на говорот.

„Остварувањето на слободата на говор, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристрасноста на правосудството“, пишува во Европската конвенција за заштита на човековите права.

Во оваа смисла во македонското правосудство засега не е регистриран случај заснован врз ваквите ограничувања.

Македонскиот Кривичен законик го познава кривичното дело лажно пријавување, што значи дека доколку некој политичар со намера лажно пријавил дека неговиот политички конкурент сторил кривично дело, тогаш тој политичар може да биде кривично гонет.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), сега врховна судијка, Мирјана Лазарова Трајковска, во анализата насловена „Слободата на изразување низ практиката на ЕСЧП“ од 2017 година пишува дека секој предмет поврзан со клевета или навреда наложува да се утврди дали се работи за изјава заснована на факти или, пак, се работи за изјава во врска со вредносна оцена.

„Изјава заснована на факти наметнува и обврска за докажување на тие факти, додека изјавите во врска со вредносното оценување не наложуваат поткрепеност со доказ. Штом ќе утврди дека некоја спорна изјава вклучува вредносна оцена, судот пристапува кон утврдување ‘дали постои доволно фактичка заснованост’ за да ја поддржи таа вредносна оценка. Дури и вредносните оценки мора да почиваат на одредена фактичка основа, а поврзаноста меѓу фактичката основаност и вредносната оцена ќе варира во зависност од околностите на случајот“, пишува Лазарова Трајковска.

Декриминализацијата на клеветата ги осоколи политичарите

Во есента 2012 година Владата и Здружението на новинари постигнаа договор за декриминализација на клеветата и навредата, односно тие повеќе да не бидат кривични дела, да се префрлат во граѓанска постапка, а наместо затвор, најголемата казна, покрај извинувањето и демантот, да биде паричната казна.

Ваквата одлука беше поттикната од Извештајот на Рајнхард Прибе од 2015 година, во кој беше наведено дека „дејствијата на клевета не треба да се користат како средство за задушување на дебатата или пречка за јавните личности да се повикаат на отчетност. Постои особена загриженост кога политичарите тужат новинари за клевета, но и кога тужат и други политички личности, наместо да ги решаваат нивните разлики преку други средства како јавна дебата.“

Основната цел на ваквата системска промена беше да се оневозможи пред сѐ новинарите да бидат затворани поради критички напишани текстови, а со тоа да се зачува слободата на говорот. И наместо декриминализацијата на клеветата и навредата да биде мотив за воведување нова практика на достоинствена критика и фер-борба, оваа промена дополнително ги осоколи политичарите да не престанат со неосновани квалификации и обвинувања против политичкиот конкурент, па дури и свесно да се служат со штетни наративи, кои придонесуваат за ширење лажни вести, дезинформации и манипулации, заради остварување на политичката цел.

Она што требаше да биде унапредување на слободата на говорот за новинарите, а поле за фер и демократска политичка борба за политичарите се претвори во ринг на заплашување, казнување и одмазда кон критички настроените, но и ринг за штетни наративи користени од политичарите за неосновани квалификации, непоткрепени обвинувања и клевети кон политичките противници, што придонесува да се шират лажни вести, дезинформации и манипулации, за остварување на политичката цел, а на штета на јавниот интерес.

Бројките се варијабилни, штетите константни

Во Македонија не постои точна бројка колку судски случаи за клевета и навреда се водат, а во кои странки се само политичари или партиски и владини функционери. Причина за ова е што АКМИС-системот за компјутерска распределба на предметите не генерира податоци во смисла дали одредена странка во постапката има статус политичар или нешто друго.

Токму затоа од најголемиот и специјализиран граѓански суд во Македонија, Граѓанскиот суд Скопје, за потребите на МКД.мк извршија рачно пребарување за да одговорат колку предмети за клевета и навреда во последните три години се водат во судот во кои странки се политичари.

Според податоците, во последните три години во Граѓанскиот суд Скопје се заведени 69 предмети за клевета и навреда во кои како странки се јавуваат политичари.

„Во 2021 година во судот се заведени 25 предмети во кои како странки се јавуваат политичари. Во 2022 година такви биле 20 заведени предмети во уписникот за клевета и навреда, а во 2023 година во судот се заведени 24 предмети за клевета и навреда во кои како странки во
наведената година се јавуваат политичари. Дадените податоци за погоренаведените години се рачно работени по уписник, па појаснуваме дека овие податоци можеби и не се егзактно точни, од причина што доколку еден предмет бил по жалба, и од страна на повисокиот суд е укинат, а се вратил наредната година, тој е презаведен под друг број, а сепак странките се исти“, објаснуваат од Граѓанскиот суд.

Типичен пример за ова е токму судскиот спор помеѓу поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешниот лидер на опозициската СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев, кога Апелацискиот суд Скопје во 2016 година, две години откако Заев беше осуден за клевета, ја укина пресудата на скопскиот Граѓански суд и предметот го врати на повторно судење. Клеветата беше потврдена, но судот сметаше дека наместо 500.000 евра, колку што бараше Груевски, треба да му додели 50.000 евра.

Од Кривичниот суд Скопје велат дека странките во постапките, согласно со АКМИС-системот, може да бидат заведени, меѓу другото, и по професија, но не и по критериумот функционер, но затоа има критериум пратеник.

„Во моментов согласно со пребарувањата нема ниту еден активен предмет во кој обвинетиот се произнел дека е пратеник. Последен таков предмет што се водел пред Основниот кривичен суд Скопје е предметот од обвинителството означен како „Моќник“, кој е завршен со првостепена пресуда откако надлежниот јавен обвинител изврши преквалификација“, велат од Кривичниот суд Скопје.

Од политичките партии до кои испративме прашања одговорија дека евентуалните тужби што ги водат нивни членови, партиски или владини функционери, ги водат како и сите други обични граѓани и таквите тужби не поминуваат низ партиската архива. Тоа е причината што во партиите не можат да дадат ниту приближно точна бројка колку нивни функционери тужат или се тужени и каков е исходот од таквите граѓански спорови.

Искра Опетческа

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ