сабота, 18 мај 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Со бугарски воз не се стига до Европа

И покрај тоа што Македонија е членка на ОБСЕ уште од 1995 година, организација која што, меѓу другото има развиено најдобра експертиза на светот за детектирање на нерегуларности во изборните процеси и одлично ги познава различните методи за полнење кутии и фалсификување на волјата на гласачите, низ Македонија на сите избори сѐ уште се слуша татнеж од т.н. „бугарски возови“, еден од најпопуларните и најефикасни начини за изборни кражби. Неверојатно е колку гласови може да се поткрадат со само едно претходно маркирано гласачко ливче што скришно се внесува на гласачкото место, а регуларното, празно, се изнесува за следниот „гласач“ однапред да влезе со означено ливче. И така, еден по еден, како вистински воз.
Фото: Википедија

Не знам дали ујдурмата е измислена во Бугарија па оттаму името, но знам дека ефектот од само едно прокриумчарено ливче може да биде девастирачки за цело едно гласачко место.

Се чини дека, за жал сѐ уште не се почитуваат во доволна мерка препораките на ОБСЕ за спречување на вакви и слични аномалии. Вчера, коалицијата Вреди и „ВМРО-ДПМНЕ“ гласно укажале на тоа дека „бугарскиот воз“ во првиот круг на претседателските избори е регистриран како се движи во Липково, Гостивар, Тетово и други населени места низ Македонија, вклучително и такви каде што воопшто нема пруга. Тие посочиле дека машиновозачот од страна на Управниот суд бил препознаен дека е од ДУИ, партија која дваесет години истакнува дека е неприкосновен претставник на албанската заедница во Македонија.

За волја на вистината, во медиумите, гласачите се похрабро посочуваат дека неретко се изложени на притисоци, поткуп, па и отворени закани во помалите средини дека нема да можат да најдат работа, дека ќе бидат екскомуницирани од својата заедница, па дури и физички малтретирани. Нашето судство не се прославило во судењата на полначите на кутии, а и во оние ретки случаеви на отворена истрага и кривично гонење што ги знаеме, сторителите не завршиле во затвор согласно законот, па некои дури и сред постапка избегале од државата. Што ќе рече дека генералната превенција ни е нула. Но, трулежот во судството е друга тема, која ќе ја оставиме за натаму.

Електронските контроли на отпечатоци донекаде ги ограничиле ваквите манипулации со гласови, но сепак, „бугарскиот воз“ сѐ уште си врви. Сме се изнаслушале сведоштва за бркање надвор  на членовите на изборните комисии од просториите на пола час, порано дури и со аргументи на Калашникови, а денес со тупаници и закани, додека да се наполнат гласачките кутии. И членовите на комисиите, исплашени, си излегувале, зашто паметиме и човечки жртви на времето. За жал ваквите приказни тие ги раскажуваат од безбедна временска дистанца по изборите, кога ќе поминат сите жалбени рокови. Животот е помил од исправноста на гласачкиот процес.

Професионални полначи на кутии, слушам од моите колеги дипломати, се пуштени и низ нашите амбасади и конзулати низ Европа и светот, па си велам, среќа во несреќа е што системот за гласање во странство ни е толку лош, што е многу мал вкупниот број на пријавени гласачи од странство, а со тоа и штетата направена во дијаспората.

И така, изборите во поедини региони на државата сѐ уште се одвиваат како некоја паралелна реалност, која сите ја знаеме, но никој не се осудува да ја изнесе на виделина, а камоли да се справи со неа. Најсилните полначи по изборите добиваат престижни места во партијата или добро платени места во администрацијата без оглед на нивната (не)стручност или можеби елементарна (не)култура. Има и такви што своето влијание во нивните места го наплатиле дури и со дипломатски и конзуларни позиции во странство, често и без познавање на јазици. Што се чудиме, па ние и во здравството добивме директори кои што не го говорат официјалниот македонски јазик, а не па амбасадори и генерални конзули во странство, каде што контролата над нив е послаба или свесно не се прави.

Крајно време е тие што се фалат дека се единствените легитимни претставници на своите национални заедници да разберат дека борбата за подобро утро на сите граѓани на Македонија, вклучително и на нивните заедници, не ја водат полуписмени парламентарци, директори на агенции, судии, лекари и дипломати. И нивните деца ќе го дишат истиот загаден воздух и ќе се лечат токму кај тие лекари. За жал, еднаш влезени во државните институции, тие остануваат камен околу вратот на капацитети на администрацијата, здравството, судството, дипломатијата. Камен што нема да не пушти да се издигнеме колку што можеме и знаеме, а сѐ поради себична цел енормно богатење на поединци преку бескрупулозно корумпирање на системот.

На крајот, би рекол да не се правиме недоветни. Многумина од ваквите неславни ликови и се добро познати на јавноста. Граѓаните на Македонија очекуваат по изборите голема чистка на сите што го злоупотребиле системот за лично богатење. Да ги прославиме, но низ коридорите на судскиот систем, во брзо, правично и фер судење. А до тогаш, што побројно да излеземе на гласање на 8 мај и на тој начин во голема мерка да го стесниме просторот за идни изборни манипулации.

Амбасадор Зоран Дабиќ

Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

За енергетска транзиција – греење со топлински пумпи (2)

Сефер Тахири

Тивок бојкот наспроти тивка поддршка: улогата на Албанците во изборот на...

Наташа Јовановиќ Мартинс

Зурли и тапани за Македонија

Зоран Дабиќ

Политичка мизогинија

Рајко Пеколски

Патриотизмот и егоизмот

Јовица Тасевски-Етернијан

За употребата на термините „Македонија“ и „македонски“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ