Во составот на преодната влада прв заменик – премиер на Владата и вицепремиер за европски прашања да биде Бојан Маричиќ, додека Артан Груби – министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Панче Тошковски на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е министер за внатрешни работи, како и Ѓоко Велковски за министер за труд и социјална политика.
На досегашните места остануваат Кренар Лога – министер за правда, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Фатмир Меџити – министер за здравство, Јетон Шаќири – министер за озбразование, Ристо Пенов – министер за локална самоуправа, Бисера Костадиновска Стојчевска – министерка за култура, Азир Алиу – министер за информатичко општество и администрација, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Каја Шукова – министерка за животна средина, Фатмир Битиќи – министер без ресор задолжен за економски прашања и Славица Грковска – министерка без ресор задолжена за политики за добро владеење.
Фото: Роберт Атанасовски
Се очекува по изгласувањето на техничката влада, во Собранието да се одржи уште една пленарна седница на која ќе се гласа за дополнителните заменици министри, како и да се верификува мандатот на еден пратеник кој ќе дојде на местото на Талат Џафери, кому му е доверен мандатот да формира техничка Влада.
СДСМ го предложи Митко Бојмацалиев за дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а досегашната министерка Јованка Тренчевска ќе биде дополнителна заменичка министерка за труд и социјална политика.
ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен заменик министер за финансии ја предложи Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори. Мандатот на преодната Влада трае од изборот, па се до објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за изборите за пратеници и изборот на новата политичка влада.
Ова е трета преодна или техничка влада од 2016 година наваму. Премиер на техничката влада во 2016 година беше Емил Димитриев, додека во 2020 година беше Оливер Спасовски.