Интерпелацијата ја образложи Сашко Јанчев кој рече дека Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители со тоа што не го става на дневен ред на Комисијата со која претседава.
Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути. Во одговор рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.
„Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам, и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат не само во оваа институција… Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе“, рече Даути.
Според неа, ако се прочита член 9 од Уставот и член 176 од Деловникот „на секој ќе му биде јасно дека целта е да се покаже демонстрација на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.
Бобан Карапејовски од ЗНАМ истакна дека ќе гласаат за интерпелацијата бидејќи, како што рече, „Деловникот мора да се почитува“. Поддршка најави и Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ, додека пратеникот Талат Џафери од ДУИ оцени дека интерпелацијата е закажана многу доцна.
Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија од Коалицијата „Европски фронт“ нагласи дека оваа интерпелација е неоснована и претставува обид за политизација на една, како што рече, исклучително чувствителна тема, која бара внимателен и балансиран пристап. Оваа интерпелација, како што рече, не води кон конструктивно решение, туку може само да ги продлабочи поделбите и да го отежне патот кон градење на општествена кохезија.
„Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути во својата работа постојано покажува исклучителна посветеност кон градење конструктивен дијалог. Нејзиниот пристап не е опструкција, туку напротив тоа е одговорен обид да се обезбеди сеопфатна и темелна анализа, расправа за едно исклучително чувствително прашање кое длабоко засега различни општества во нашата држава“, изјави Мурати.
Ова е прва пленарна седница годинава, а покрај интерпелацијата на Даути, на дневен ред се и интерпелациите за работата на четворицата членови на Владата – вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени.
Интерпелацијата на Даути беше поднесена од пратеничката група на Левица, додека останатите четири интерпеалции се поднесени од коалицијата „Европски фронт“.