„Промената на времето од минатата недела со врнежи од снег и формирање снежна покривка, се оценува како позитивна, особено за есенските посеви на кои им се потребни вакви временски услови. Оваа состојба поволно ќе влијае врз сите земјоделски култури и ќе придонесе за зголемување на влажноста, како на површинскиот, така и на подлабокиот слој на почвата“, велат агрометеоролозите на УХМР.
Снегот, нагласуваат, ја одржува константна температурата во почвата.
„Снегот ги штити посевите од минимални температури, ја одржува температурата во почвата на пет сантиметри на околу еден степен што е сосема доволно за да нема оштетувања на јазолот на братење кој се наоѓа токму во тој дел од почвениот слој. Како добар изолатор, снегот ја одржува константна температурата“, објаснуваат агрометеоролозите.
Тие препорачуваат земјоделските производители да продолжат со грижа за посевите доколку почвените услови го дозволуваат тоа.
„Земјоделските производители треба да продолжат со грижа за нивните посеви, со зацврстување на пластениците и другите конструкции, како и со примена на сите потребни земјоделски активности и агротехнички мерки“, советуваат агрометеоролозите.