четврток, 26 декември 2024

Случајот за измамата со брзи кредити кој го објави ИРЛ е разрешен во 2023 година, велат од групацијата на финансиски друштва

Случајот што детално се анализира во документарниот филм „Украдени животи” на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) е разрешен уште во 2023 година, се наведува во денешното отворено писмо до јавноста на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија. Во неа уште се вели дека во презентираниот случај на оштетената, се потврдува дека сите финансиски друштва во кои имала кредит ѝ излегле во пресрет и истите биле отпишани во целост или бил стопиран процесот на наплата.

Објавено на

часот

Сподели

Од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија велат дека со внимание ја следат јавната дискусија иницирана од документарниот филм на ИРЛ и се на иста линија со медиумите кои придонесуваат за подигнување на јавната свест за одговорното кредитирање.

Што се однесува до случајот што детално се анализира во документарниот филм, од групацијата велат дека е разрешен уште во 2023 година.

„Во презентираниот случај на оштетената, се потврдува дека сите финансиски друштва во кои имала кредит ѝ излегле во пресрет и истите биле отпишани во целост или бил стопиран процесот на наплата. Ова укажува дека финансиските друштва се можеби и единствени кои на сопствена материјална штета веднаш реагираат за да им излезат во пресрет на луѓето кои пријавиле украден идентитет. Друштвата по сопствена иницијатива го стопирале процесот за наплата на кредитните побарувања, за кои од институциите добиле сигнал дека се можен резултат на измамничко дејствување“, се наведува во отвореното писмо до јавноста.

Според статистичките податоци на групацијата, од преку 220.000 одобрени кредити годишно, само 0,045 отсто се случаи во кои е утврдено сомневање за некаков вид на измама, а по воведувањето на новите законски регулативи за задолжително физичко присуство или поседување на регистрирана безбедносна шема за идентификација, измами речиси и да нема.

Што се однесува до растот на барањата за кредит од групацијата велат дека кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва за првото полугодие од 2024 година изнесува 4 отсто, што е на ниво на банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во Македонија, финансиските друштва учествуваат со „само 2 отсто“. Оттаму посочуваат дека небанкарските финансиски друштва се во тесна соработка со Министерството за финансии.

„Во изминатите две години се работеше и се воведоа клучни законски измени и правилници кои значително ја подобрија регулацијата на секторот, ја намалија можноста за презадолженост на граѓаните, се зголеми прагот за основање на финансиско друштво, а проверката и верификацијата на барателите на кредит се засилени и ги сведуваат на минимум можностите за измама. Со донесувањето на измените во Законот за финансиски друштва во јули 2023 година, минималниот влог за основање финансиско друштво се зголеми од 100.000 на 500.000 евра со што се гарантира поголема стабилност. Со новата регулатива се ограничија трошоците за кредит, секако со цел да се заштитат корисниците, а беше воведена и забрана за рефинансирање на доспеани кредити во исто финансиско друштво. Со воведувањето на правилникот за кредитен ризик од април годинава, се ограничија месечните кредитни обврски до 70 отсто од приходите, со што се дејствуваше во насока на спречување на евентуална презадолженост на поединци и на семејства. Исто така, по стапувањето во сила на овој закон и правилникот, од 36 финансиски друштва, на пазарот продолжија да работат 27. Во меѓувреме, со инвестиции во технологијата се овозможи засилена проверка на клиентите, но и автоматска верификација на документите, со цел спречување на можни измами преку регистрирани шеми за електронска идентификација“, се наведува во отвореното писмо до јавноста испратено од Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија.

Оттаму тврдат дека со вака пропишани правила, Македонија денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, „која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците“.

Истражувачката репортерска лабораторија го објави истражувачкиот документарен филм „Украдени животи“ кој разоткрива измами со брзи кредити во кои биле вклучени организирани криминални групи од Македонија, Косово и Бугарија.

 

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ