Средбата е закажана по реакциите на родителите од ова училиште и основното училиште „11 Октомври“ во општина Центар каде третоодделенецот требаше да биде префрлен.
Откако родителите на учениците од „11 Октомври“ почнаа да ја бојкотираат наставата, а по повлекување на одлуката и негово враќање во матичното училиште „Лазо Ангеловски“, денеска празно остана и ова училиште.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера во изјава за медиумите рече дека случајот добил „преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност, обем и јавна дискусија“.
„Сметам дека е пренагласена реакцијата на сите родители, но сметам дека и училиштата треба посериозно да ја сфатат работата во однос на децата кои имаат потешкотии во учењето или во однос на децата кои имаат потешкотии во однесувањето и социјализација во сопствената средина. Овој случај трае премногу, преземени се одредени мерки, па дури и МОН формирало комисија која се вмеша во решавање на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица препорачале така, значи треба да ја промени средината“, изјави Јаневска.
Училиштето од кое потекнува, рече, има на располагање стручна служба (педагог, психолог, социјален работник) и директор кои треба да го решат проблем. Нагласи дека „детето не може и не смее да остане на улица“ затоа што „секое дете има право на образование кое е задолжително“. Како што рече, „државата е должна, заедно со училиштата, да му овозможат на детето да поминува низ образовен процес“.
Психологот Мирјана Стојановска-Јовановска смета дека овој случај многу видливо го ставил пред јавноста дефектот на системот во образованието, кој не може да справи со проблемите на едно осумгодишно дете.
„ Едно осумгодишно дете не смее да биде толкав проблем за системот и за општеството, што предизвикува таква реакција на негодување на родителите на другите деца, па дури и организација да не ги пуштаат нивните деца да ја следат наставата. Целата ситуација алармира дека нашиот образовен систем, училиштата не умеат да се погрижат за менталното здравје на учениците. Сигурно проблемот не се појавил одеднаш, туку детето веројатно подолго време манифестирало такво однесување, а не биле преземани некои мерки од системот да му се помогне. При соочување со проблеми на учениците, се покажува дека најчесто се посегнува по методите за санкционирање, наместо да се размислува како да му се помогне на детото. Начинот на кој се решаваат проблемите во училиштата покажува дека има проблем во наставно-воспитната дејност. Најчесто се заборава на воспитната компонента на училиштата, а фокусот се става исклучиво на наставната дејност. Оваа ситуација, со проблем предизвикан од едно дете, алармира дека е крајно време да се направи една програма за обука, тренинг со работилници за стручните работници во училиштата ( психолози, педагози, па и наставниците) за справување со предизвиците на врсничкото насилство. Конкретно во оваа ситуација, детето не треба да се казнува, туку треба да му се помогне. Отстранувањето, преместувањето на детето од една во друга училишна средина, не е решение за проблемот. Разбирливо е дека родителите сакаат да ги заштитат своите деца, но тоа не е единстевниот проблем со кој ќе се соочат нивните деца. Во секој случај, треба да се активира воспитната компонента на образовниот систем, односно да се обратат до институции и стручни лица (кои ги имаме), што можат да помогнат во справување со агресивно однесување на учениците, кое е одраз на социјалната средина во која растат и се развиваат. Треба да им се помогне на децата, на учениците со предизвици во однесувањето, наместо да се казнуваат. Едно осумгодишно дете, целата оваа ‘акција’ за негово неприфаќање во училиштата, секако ќе ја доживее како казна“, вели психологот Мирјана Стојановска – Јовановска.
Во меѓувреме како решение од средбата во МОН со Одборот на родители од ОУ „Лазо Ангеловски“, одлучено е да биде дормирана интердисциплинарна комисија во врска со случајот со третоодделенецот кој требаше да биде префрлен во Основното училиште „11 Октомври“. Комисијата ќе треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни.
„Министерството за образование и наука учествува во изнаоѓањето решение за случајот со ученикот со кој јавноста е веќе запознаена и во таа насока, на иницијатива на МОН е формирана интердисциплинарна комисија составена од претставници на министерството, Бирото за развој на образованието, општината, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законската регулатива, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.
Ј.П.