сабота, 27 јули 2024

Случај Титаник: Јанакиески доби 3,5 години затвор, Јанкулоска помина со условна осуда

Објавено на

часот

Сподели

Апелациониот суд Скопје денеска одлучи да ја потврди осудителната пресуда за осудените во Титаник, но на дел од нив им ги намали казните, соопштија денеска од судот.

Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески наместо 4,5 ќе одлежи 3,5 години, а на поранешниот шеф на кабинетот на Никола Груевски, Мартин Протуѓер, и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска им останува претходно изречената условна казна.

Во затвор нема да оди ниту Мунир Пепиќ, порано вработен во Агенцијата за разузнавање затоа што Апелацискиот суд Скопје казната од една година затвор му ја преиначи во условна.

Адвокатски тим на Јанакиески најави дека ќе побара спојување на сите притвори кои ги има издржано во период од 4,8 години, за да му се засметаат во изречената казна од 3,6 години и тој да не замине на извршување на затворската казна.

Случајот Титаник се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори во 2013 година. Ова е првиот случај за кој отвори истрага поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), уште во почетокот на 2016 година. Лани Јанкулоска, Јанакиески, Протуѓер и уште петмина ја признаа вината.

Освен овие осудени во Титаник се и Билјана Бришковска-Бошкоски, поранешна заменик министерка за правда која доби условна осуда од 2 години затвор кои ќе ги одлежи доколку во 5 години не стори ново кривично дело. Истата казна и беше изречена и на Катерина Веловска, како и на Кирил Тодоровски, поранешен шеф на кабинет во МВР и поранешен вработен во Агенцијата за разузнавање. Коста Митровски, поранешен претседател на изборната комисија во општина Центар е осуден на три години затвор, за уништување на изборен материјал.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ