сабота, 27 јули 2024

Словенецот Певник на кормилото на Работнички

Објавено на

часот

Сподели

Иако силно се најавуваше корејска инвестиција, па дури и тренер од Далечниот Исток, Работнички како замена за Ѓоре Јовановски доби Словенец, кој потпиша шестмесечен договор со можност да се продолжи соработката на нови две години. Певник е роден во Целје и е поранешен професионален фудбалер, како и репрезентативец.

Во неговата фудбалска биографија од 1987 до 2003 година стојат екипите на Осиек (Хрватска), Публикум, Олимпија, Рудар Велење, како и неколку екипи во Австрија и во Шведска. Со тренерската кариера започнува во 2003 година, и тоа во екипите на Публикум, Домжале, Олимпија и Рудар Велење, најголемото искуство го стекнал како помошник на долгогодишниот селектор Бојан Прашникар, а најголем успех му е пласманот во Лигата на Европа со најпознатиот словенечки клуб, љубљанска Олимпија.

„Сакам да го истакнам моето задоволство од назначувањето на Роберт Певник за нов шеф на стручниот штаб на ФК Работнички. Како што и најавивме, се одлучивме на ваков потег за ангажман на странец-тренер, за чиј квалитет сведочат резултатите на екипите во кои има работено. Ова е воедно и првпат во историјата на македонскиот екипен спорт да се ангажира професионален тренер од Словенија. Со Певник се совпаднавме со концепцијата на ФК Работнички за афирмација и развој на млади и талентирани фудбалери, кои во ФК Работнички ги има многу на број. Уште еднаш сакам да му посакам среќа на новиот шеф“, изјави Драган Поповски, претседателот на Работнички.

Певник ќе биде претставен во почетокот на зимските подготовки на клубот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ