сабота, 27 јули 2024

Словачкиот премиер тврди дека некои НАТО-членки сакаат да пратат свои војници во Украина

Неколку членки на НАТО и на Европската Унија размислуваат да испратат војници во Украина на билатерална основа, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Фицо, кој долго време се противеше на испраќање воена помош за Украина, сè уште нема кажано за кои земји станува збор и како тоа би изгледало во практиката.

Словачкиот премиер ова го изјави во пресрет на средбата на европските лидери во Париз, на која присуствува денеска.

„Ќе се ограничам само на тоа да кажам дека голем број земји-членки на НАТО и ЕУ размислуваат да испратат свои војници во Украина на билатерална основа“, рече тој.

„Не можам да кажам со каква цел и што треба да направат таму“, рече тој и додаде дека Словачка, членка на ЕУ и НАТО, нема да испраќа војници во Украина, а истото го потврди и чешкиот премиер Петр Фиала.

Членките на НАТО му пратија на Киев оружје и муниција во вредност од милијарди долари и ги обучуваат украинските сили. Но лидерите на НАТО, вклучително и американскиот претседател Џо Бајден, нагласија дека западната воена алијанса сака да избегне директен конфликт со Русија, што може да доведе до светска војна.

„НАТО како сојуз и членките на НАТО не се страни во конфликтот“, рече на 14 февруари генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

НАТО сѐ уште ги нема искоментирано изјавите на Фицо.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ