четврток, 26 декември 2024

Словачка: Фицо формираше коалиција со левицата и ултрадесницата

Партијата на поранешниот премиер на Словачка Роберт Фицо, кој планира да ја прекине воената поддршка на Украина, потпиша вчера договор со две партии, левичарска и крајно десна, за формирање коалициска влада.

Објавено на

часот

Сподели

Левата партија на Фицо Смер, која на парламентарните избори на 30 септември освои 42 мандати во парламентот со 150 места, потпиша коалициски договор со левичарската партија Глас, која го зазеде третото место со 27 пратеници, и ултранационалната проруска Словачка национална партија, која има 10 места во парламентот.

Лидерот на партијата Глас Петер Пелегрини, поранешен заменик на Фицо во Смер, се разиде со поранешниот и по сè изгледа иден премиер по поразот на претходните избори во 2020 година. Коалицијата со Пелегрини сега му овозможува на Фицо да дојде до мнозинство.

Во моментов е познато кога членовите на новата влада би можеле да положат заклетва пред претседателката на државата Зузана Чапутова. Фицо изрази надеж дека ќе ја претставува Словачка на следниот самит на лидерите на земјите членки на Европската Унија, закажан за крајот на октомври.

Според коалицискиот договор, Смер ќе добие премиер и шест министри, што на Фицо ќе му биде четврти пат да ја предводи словачката влада.

Глас ќе има претседател на парламентот и седум министри, а Словачката национална партија три министри.

Договорот на трите партии значи дека во опозиција ќе заврши второпласираната Напредна Словачка, новата либерална прозападна партија која има 32 пратеници.

Фицо ја заснова кампањата на Смер на проруски и антиамерикански пораки. Вети дека ќе го сопре испраќањето воена поддршка на Украина, што дополнително ќе го наруши кревкото единство во Европската Унија и НАТО.

Тој вели дека сака Словачка да остане членка на ЕУ и НАТО, но со „многу почитување“ на суверенитетот на неговата земја.

„Заштитата на суверенитетот и националните интереси на Словачка ќе биде приоритет на владата“, кажа Фицо.

Тој вети и дека ќе ја заштити Словачка од нелегалните емигранти, кои во Европа ги има сè повеќе во последно време.

Противниците на Фицо тврдат дека неговото враќање на власт би можел да го смени курсот на Словачка, и стравуваат дека ќе го следи патот на Унгарија под премиерот Виктор Орбан и во помала мера полска, под власта Јарослав Качињски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ