вторник, 5 март 2024

Следниот викенд ќе се избира техничка влада

Местата кои со закон и следуваат на опозицијата во техничката влада треба да останат празни се додека ВМРО-ДПМНЕ не даде глас за таа влада, сугерира премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски како одговор на најавите на опозициската партија да не гласа за составот на техничката влада, ниту да учествува на нејзините седници.

Објавено на

часот

Сподели

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера информираа дека остануваат на ставот да не гласаат за техничкиот премиер. Најавија дека имињата на министрите и замениците министри ќе ги објават следната недела.

Ковачевски вчера го повика претседателот на Собранието и иден мандатар Талат Џафери да направи влада во која министерските и дополнителните заменички министерски места ќе останат празни, а откако ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи да ја поддржи техничката влада, тогаш да се вметнат нивните министри.

„Кога се учествува во влада, тоа значи дека таа влада треба да се поддржи. Во светот не постои искуство и пример политичка партија да учествува во влада, а притоа да не ја поддржи таа влада. Постојат примери во кои политичка партија не учествува во влада, ама ја поддржува. Меѓутоа, не постои пример политичка партија да земе учество во влада, а да не гласа за владата. Затоа, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ согласно закон, исто како и сите други политички партии кои се повикани да имаат министри во техничката влада, треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во кои тие места ќе бидат испразнети, и во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, наредниот ден ќе може мандатарот да предложи и во истиот ден да се изгласаат министрите кои им следуваат“, рече Ковачевски во изјава за медиумите дадена по одбележувањето на големиот христијански празник, Богојавление – Водици, во Скопје.

За најавата на лидерот на опоцизиската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека нивните министри во техничката влада нема да присуствуваат на владините седници, Ковачевски со став дека Владата е извршно тело во кое оние кои се членови мора да бидат ангажирани за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат.

„Од нивниот пристап во Собранието, видовме дека тие беа дел од Собранието во последните четири години во коишто единствено што правеа е блокада. Владата е извршно тело во кое оние кои се членови на Влада мора да бидат ангажирани во текот на целиот ден за да можат да ги сервисираат обврските што ги имаат“, рече Ковачевски.

Ваквата изјава на Ковачевски, од ВМРО-ДПМНЕ во пишано соопштение ја оценија како евтин трик и нагласија дека остануваат на својот став да не гласаат за техничкиот премиер.

„Меѓу другото токму поради ваквите евтини трикови и надмудрувања кои беа очекувани од СДС и Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ повика да се укине техничката влада, што Ковачевски истото го одби. Со цел да се постапи државнички и одговорно ВМРО-ДПМНЕ прифати да учествува во техничката влада, без да го гласа техничкиот премиер Џафери од ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став, и имињата за министри и заменици, согласно законот ќе бидат предложени наредната недела. Останува на власта дали ќе одбере да го почитува законот, или истиот ќе го крши, што само ги открива и позадинските намери за загрозување на изборниот процес што е доказ за огромната доза на нервоза кај власта во заминување. Правото не познава предлози за министри, „празно место”, како што изјавува Ковачевски“, наведе ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски неодамна на гостување во ТВ 24 на прашањето како техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ ќе му реферираат на техничкиот премиер Џафери кој не го признаваат, рече дека ќе не верува оти ќе има потреба од тоа. Тоа нема да биде саботажа, ни недоаѓање, рече Мицкоски, туку тие ќе бидат презафатени во министерствата.

И од Демократската унија за интеграција, според најавите, нема да ги поддржат предлозите за министри во техничката влада кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Формалните подготовки во Собранието за техничката Влада треба да почнат во понеделник, на 22 јануари, а техничката влада се очекува да биде изгласана на 28 јануари. Технички премиер треба да биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери, а на негово место треба да дојде актуелниот координар на СДСМ Јован Митревски. Техничката Влада ќе функционира 100 дена. Согласно договорот од лидерската средба на 4 декември лани, првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а на 8 мај треба да има двојни избори – втор круг претседателски и парламентарни избори.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ