Правилата му се едноставни, а техниката е нешто помеѓу тенис и бадминтон. Иако во Македонија има каде да се практикува (под Калето во близина на лизгалиштето), не изгледа дека ни е омилен спорт. А во светот е масовно прифатен. И не без причина. Толку многу е добар за здравјето што списанието „Форбс“ го прогласи за најздрав спорт на сите времиња!
Бидејќи при играта мора постојано да трчате по топката, сквошот е совршен за обликување на телото. Ударите, пак, со рекетот развиваат флексибилност и ги оформуваат мускулите на грбот и на рацете. Во оваа игра учествува секое делче од телото. А по играта, станувате побрзи, повешти и поснаодливи.
Може да играте во пар или сами. Не ви е потребна скапа опрема, ниту посебна физичка подготвеност. А за да ги научите основните техники на сквошот, неопходни ви се само два часа!