петок, 18 октомври 2024

СКРМ: Правото на плата и додатоци на плата не смее да биде предмет на пазарења

Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) денеска во отворено писмо испратено до јавноста пишува дека Министерството за култура и туризам реагира на нивното соопштение од минатата недела со што се обидува да ги оправда своите дејствија со кои незаконски ги оневозможува вработените во „Охридско лето” да ја добијат платата за август.

Објавено на

часот

Сподели

Притоа, се наведува, велат од Синдикатот, дека раководното лице на Националната установа (НУ) „Охридско лето” – Охрид, како и вработените во установата, се должни да ги почитуваат законските прописи при остварувањето на правата од работен однос, вклучувајќи го и правото на плата, небаре тие досега не ги почитуваа законските прописи.

Од тие причини Синдикатот смета дека јавноста треба да ја знае „погрешно прикажаната фактичка состојба и селективното цитирање на законски одредби или делови од одредбите од страна на министерството кои одат единствено во прилог на реакцијата“.

„Имено, како што истакнува и самото министерство, согласно член 8 став 4 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, Раководното лице на буџетскиот корисник и единката корисник е одговорно дека доставеното барање за одобрување на средствата за плати е во согласност со закон. Раководно лице на буџетскиот корисник е министерот за култура и туризам, а раководно лице на единката корисник е овластеното лице на установата. Раководното лице на единската корисник, односно директорот на установата, ја води работата на установата и одговара за материјално-финансиското работење и за законитоста и економичноста на нејзината работа“, велат од Синдикатот.

По однос на заканите со инспекции и инспекторати поради наводното непочитување на член 21 од Законот за извршување на Буџетот, велат од Синдикатот, истакнуваат дека „согласно оваа одредба вработените во буџетските корисници и единките корисници правото на додаток на плата за прекувремена работа, првенствено го остваруваат преку користење слободни часови односно денови, колку што биле ангажирани за работата надвор од редовното работно време, а не и задолжително“.

Во својата реакција министерството наведува дека за непочитување на законските прописи од страна на министерството се преземени повеќе дејствија и за тоа е информирано Министерството за финансии, Државниот инспекторат за труд и Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за сторените неправилности во пресметката на плата за вработените во НУ “Охридско лето” – Охрид за месеците јуни, јули и август 2024 година. Од Синдикатот велат дека притоа, министерството свесно избегнува да соопшти дека Државниот инспекторат за труд веќе има извршено инспекциски надзор во установата и го има задолжено “Охридско лето” и Министерството за култура и туризам да извршат исплата на платата за месец јуни 2024 година.

„Со оглед на тоа дека од целокупната содржина на соопштениете приизлегува дека министерството ги презема сите мерки за вработените да не ја добијат својата плата, иако одамна е изминат законскиот рок за исплата, и ги упатува вработените да отпочнат судски постапки пред надлежен граѓански суд, сакаме јасно да ставиме до знаење дека вработените се подготвени своето право да го остваруваат и пред надлежниот граѓански суд доколку биде потребно. А дали министерот и сите останати кочничари се подготвени да сносат одговорност за повредата на правата од работен однос е нешто на што тие треба допрва да одговорат“, велат од Синдикатот на културата на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ