На состанокот, одржан барање на градоначалникот Горан Герасимовски, се анализирала безбедноста на станбените објекти, при што биле утврдени потенцијални ризици и предложени конкретни мерки за зголемување на безбедноста, како и на угостителските објекти и биле дискутирани мерки за подобрување на безбедноста и усогласување со прописите. Исто така се разговарало и за функционалноста на хидрантната мрежа во станбените и деловните објекти, како и за мерките за подобрување на безбедноста на училиштата и градинките.
„Првиот состанок го имавме со директорите на сите општински основни училишта, затоа што безбедноста на децата за нас е најважна. Сите училишта и градинки имаат изработено план за заштита и спасување, процена на загрозеност на институцијата и за истите имаат добиено позитивно мислење од Дирекцијата за заштита и спасување, што потврдуваме дека имаме темелна основа за континуирана превенција и обезбедување на безбедна средина за нашите деца“, истакна Герасимовски, пренесува службата за односи со јавност на Општина Центар.
Инспекторот за домување добил насоки и задолженија во текот на следната недела да закаже состанок со управителите на станбени, станбено-деловни и деловно-станбени згради како и со регистрираните заедници на сопственици, во врска со почитувањето на пропишаните норми и стандарди за домување, особено во делот за заштита и спасување (хидранти, пп апарати, лифт, фасада итн.)
„Ќе се вршат инспекциски надзори, ќе се преземаат инспекциски мерки и ќе се носат инспекциски акти во врска со почитувањето на одредбите од Законот за домување, Правилникот за нормите и стандардите за домување во станбените згради како и останатата законска и подзаконска регулатива која е во наша надлежност, во однос на плановите за одржување на станбените згради, како и застапеноста на противпожарната опрема и нејзиното одржување. Исто така ќе бидат известени надлежните институции и органи во однос на противпожарната опрема во зградите каде што таа не е застапена, или е нефункционална. Дополнително, во текот на следната недела ќе закажеме состанок со Подрачното одделение за заштита и спасување – Центар, во однос на заедничка акција, односно заедничко постапување на службите“, изјави Герасимовски.
Во таа насока, Општина Центар ги потсетува сите угостителски објекти на нивната обврска за преземање неопходни безбедносни мерки и ги информира дека инспекциската служба на општината ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли.
„За таа цел, потребно е управителите на угостителските објекти да извршат безбедносни проверки и да ја подготват следната документација, која ќе биде предмет на инспекциската контрола: тековна состојба (не постара од 6 месеци); лична карта на одговорното лице; контакт-лице со телефонски број и е-маил адреса; имотен лист за објектот во кој се врши дејноста; одобрение за вршење дејност или известување за започнување со вршење дејност, заверено од Државен инспекторат за труд; известување за започнување со вршење дејност, доставено до Општина Центар – Скопје; потврда за работно време издадена од Централен регистар на РСМ; пријава за работно време и распоред на работното време за угостителските објекти во Општина Центар – Скопје; заверени нормативи за храна и пијалоци; одобрение за поставување урбана опрема; елаборат за поставување урбана опрема; елаборат за заштита на животна средина; елаборат за заштита од пожари и доказ за негово спроведување на самото место. Оваа документација треба да биде достапна во објектот, а лицата што управуваат или работат во него треба да ја приложат на увид на инспекторите“, наведуваат од Општина Центар.
Понатаму се укажува дека за потребите на инспекциската постапка, документите треба да бидат во фотокопија (оригиналите ќе бидат само на увид). Доколку инспекторите утврдат неправилности, ќе биде издадено решение за отстранување на недостатоците, кое треба да се реализира во рок од 8 дена. Се нагласуваат дека Општина Центар останува посветена на унапредување на безбедноста на сите граѓани и се апелира на соработка од страна на угостителските субјекти за заедничко создавање на побезбедна средина.
Воедно и Општина Аеродром инфомираат дека инспекциските служи во текот на минатата недела извршиле контроли на околу 100 угостителски објекти кои работат на територијата на општината.
Општината денеска информоира дека во тек е обработка на податоците собрани од терен и се изготвува анализа за состојбата со исполнувањето на законските одредби и подготвеноста на објектите за вршење угостителска дејност.
„Исто така, Општина Аеродром веќе изготви план за контрола на хидрантските мрежи во станбените згради, за пристапите, како и за излезите од објектите за колективно домување и од понеделник, во соработка со куќните совети и со управителите на станбените објекти, ќе започне инспекција за состојбата во зградите“, соопшти Општината.
В. д. градоначалникот Дејан Митески во вторникот, на 18 март, испратил барање до сите основни училишта и градинки „во најкус можен рок да достават одговори за состојбата со хидрантските мрежи во објектите, како и за ажурирањето на апаратите за гасење пожар“.
„Потребно е да достават и елаборати за противпожарна заштита, како и планови за евакуација. Општина Аеродром прави сѐ што е во нејзина надлежност за зачувување на безбедноста на граѓаните и обезбедување на сите услови за непречено одвивање на секојдневјето, како на физичките, така и на правните лица“, се наведува во соопштението.