вторник, 16 април 2024

Скопскиот аеродром повторно е еден од најдобрите во Европа

Денеска ACI ги објави аеродромите победници од сите континенти и региони од страна на ACI, реномираната организација со седиште во Монтреал, Канада. Меѓународниот aеродром Скопје ја доби наградата за Квалитет на аеродромски услуги (Airport Service Quality – ASQ) во категоријата „Најдобар аеродром во Европа од 2 до 5 милиони патници“ за 2023 година.

Објавено на

часот

Сподели

Со цел да прослави за деветтата ASQ-награда, Меѓународниот Аеродром Скопје ги почести патниците со слатки и им овозможи пред полетување да си направат инстант-фотографии за спомен, преку фото-кабина. Истовремено, ТАВ Македонија ја искористи приликата повторно да ги чуе мислењата на патниците за услугите на скопскиот аеродром.

„Во ТАВ Аеродроми сме неверојатно горди што можеме да објавиме дека на Меѓународниот aеродром Скопје повторно му е доделена наградата во категоријата Најдобар аеродром во Европа од 2 до 5 милиони патници за квалитетот на аеродромски услуги во 2023 година, од страна на Меѓународниот совет на аеродроми. Ова престижно достигнување е уште еден доказ и сведоштво дека на нашите патници им обезбедуваме врвна услуга. Почестени сме што го добиваме ова признание и понатаму ќе останеме  посветени на овозможување пријатно патувачко искуство за сите кои поминуваат низ вратите на нашиот аеродром. Секако, наградата за квалитет на аеродромски услуги кој нашите патници го препознаа по 9. пат, е благодарение на луѓето кои работат на аеродромот, нивната посветеност, а во нив се вклучени вработените во ТАВ Македонија и вработените во нашите сестрински компании – БТА (храна и пијалаци), АТУ (бесцарински продавници), ТАВ Технолоџис (ИТ услуги), ТАВ МОС (комерцијални услуги) и Еуроклин (одржување хигиена). На нашите аеродроми се слуша мислењето на патниците и така ќе биде и во иднина. Задоволувањето на нивните потреби со гостопримство и љубезност и создавањето супериорно патувачко искуство, додека тие се на нашите аеродроми е еден од нашите најголеми приоритети“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Скопскиот аеродром е член на ASQ панелот од 10 аеродроми, во категоријата на аеродроми со големина од 2 до 5 милиони патници годишно, кои се наоѓаат во Европа. Покрај Меѓународниот aеродром Скопје, другите аеродроми кои го сочинуваат овој панел се шпанските аеродроми Мадеира и Менорка, аеродромот Сантијаго во Чиле, норвешките аеродроми Сола и Ваернес, грузискиот аеродром Тбилиси, естонскиот аеродром Талин, италијанскиот аеродром Торино и аеродромот Загреб во Хрватска.

„Честитки до целиот тим на Скопскиот аеродром за нивниот постигнат успех и наградата за Квалитет на аеродромски услуги (ASQ). Вашата посветеност на супериорно искуство на клиентите е пример за аеродромите низ цел свет! Продолжете со поставување високи критериуми“, изјави Луис Фелипе де Оливеира, генерален директор на ACI World.

Во текот на 2023 биле направени 595.000 анкети и доделени 170 награди ASQ на 90 аеродроми низ светот. Категориите за заминувања вклучуваат Најдобар аеродром според големина (број на патници годишно), и регион, како и Најпосветен персонал, Најлесно аеродромско патување, Најпријатен аеродром и Најчист аеродром во Европа.

Во споредба со другите програми во авијациската индустрија, Програмата за квалитет на аеродромските услуги (ASQ program) е водечка светска програма за мерење на искуството на клиентите на аеродромот и создавање одредници, и се заснова врз истражување во живо, преку анкети собрани на аеродромот – директно од патниците – кои го оценуваат нивното задоволство на денот на патувањето.

Според квотата на програмата ASQ, минатата година вкупно 1.460 патници биле анкетирани на Меѓународниот aеродром Скопје, при што агентите на терен кои ги прават анкетите за ASQ интервјуирале најмалку по 350 патници во секој квартал.

На глобално ниво, во 2023, повеќе од половина од патниците во светот поминале низ ASQ аеродром, што го потенцира кредибилитетот и влијанието на оваа програма во обликување на стандардите за супериорни аеродромски услуги.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ aеродроми, го заврши јануари 2024 година со  243.244 патници на двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, што претставува пораст од 47% во однос на јануари 2023 година. Истовремено, бројот на летови на двата аеродроми во првите два месеци достигна 1.931, што е годишно зголемување од 38%.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ