Според специјализираната интернет страница преку која се следи квалитетот на воздухот во целиот свет, за Скопје се информира дека воздухот е нездрав и дека внимателни треба да бидат особено лицата со респираторни проблеми и болести, како и најмладите и старите болни лица.
Притоа, се укажува дека особено е висока концентрацијата и на најопасните и канцерогени честички, ПМ 2,5 кои се измерени 51,9 мигрорами на метар кубен. Познато е дека овие честички се и најситни и дека се пробиваат во дишните органи и оттаму навлегуваат и во крвниот систем.
Откако почнаа пониските температури во утринските и вечерните часови месецов Скопје не за првпат се најде во врвот на оваа неславна листа на градови во кои воздухот претставува закана за здравјето на луѓѓето и живиот свет. Загадувањето се должи на греењето на домовите на голем број жители не само со дрва, туку и со секаков отпад, се должи и на застарениот возен парк, на лошата градска хигиена, неефикасното одложување на отпад, како и на индустриските капацитети од кои дел не водат доволно сметка за екологијата и се потпираат на неефикасната контрола на нивното работење.
Освен тоа, Скопје е котлина која особено во зимските и есенски периоди нема добро проветрување и има чести магли или ниска облачност што придонесува загадените честички да остануваат долго во воздухот.
Токму денеска Европската агенција за животна средина (ЕЕА) објави дека загадувањето на воздухот со ситни честички предизвикало смрт на 253.000 луѓе во Европската Унија во 2021 година.
П.Џ.