петок, 10 јануари 2025
Дождот малку го исчисти воздухот

Скопје утрово куртули од екстремно загадување, воздухот сега е умерено загаден

Скопје по неколку дена поминати меѓу 10-те најзагадени градови во светот, утрово бележи пад на листата. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју еар“, во 9 :15 часот главниот град се наоѓа на 57. место во светот.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Вредноста на нивото на штетни ПМ честички изнесува 63 единици во Скопје и е во категоријата означена со жолто поле како умерено ниво на загаденост.

Најзагадени градови на глобално ниво се Делхи во Индија, Каиро во Египет и Мумбаи исто во Индија. Во Европа, денеска Букурешт има најзагаден воздух и е на 16. место со вредност од 134 единици, далеку пред Милано во Италија кое е на 39. место (81) и Киев на 41 место.

Во државата, намалени се вредностите на аерозагадување и во Струмица. Согласно податоците од ДАМСКВ синоќа среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3, и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за РМ10 е прекината во Струмица.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) деновиве ги повика сите надлежни нституции, општините и Градот Скопје поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“, како што наведува „во услови на зголемени концентрации на суспендирани честички  со големина до 10 микрометри и 2,5 микрометри на метар кубен и неповолни временски услови што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух“.

Министерството потсетува дека Владата го усвоила Акцискиот план пред почетокот на грејната сезона на предлог на МЖСПП и оти во него се проектирани краткорочни превентивни мерки што ќе овозможат редукција на емисиите од детектираните сектори „што имаат најголем придонес во зголемувањето на емисиите на цврсти честички, а со тоа и високите концентрации, што ги надминуваат пропишаните стандарди“.  Согласно Акцискиот план, МЖСПП  потсетува дека општинските инспекциски служби треба да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи особено во мали сервиси и погони.

Од почетокот на годинава Скопје е меѓу најзагадените градови во светот, а еден ден се најде и на прво место според аерозагаденоста.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ