четврток, 13 јуни 2024

Скопје се бори за чист воздух, а проектите за зазеленување стојат на хартија

Објавено на

часот

Сподели

Намалување на топлинските острови, обезбедување почист воздух и попријатни услови за живот во урбана средина може да се постигне со зголемување на зеленилото и намалување на асфалтираните површини. Македонските градови, а особено Скопје, се соочуваат со екстремни температури, најчесто во летниот период, кои се резултат на децениското уништување на зеленилото и бетонизацијата на градот. Урбанистичкото дивеење ни остава сериозно нарушени услови за живот, најмногу заради непочитување на стандардите за неопходни минимум зелени површини за секој жител. Граѓаните на Скопје, Тетово, Велес, Кичево и други загадени средини со години наназад апелираат дека сакаат повеќе дрвја во нивната непосредна близина и похумани услови за живот. Сепак, реалноста и понатаму е сосема друга.

Професорот на Шумарскиот факултет, Јане Ацевски, вели дека кај нас проблемите тешко се решаваат бидејќи проектите ни остануваат на хартија чекајќи реализација, а голем број од нив и никогаш не се ни реализираат. Вели дека учествувал во десетици проекти за зазеленување за Водно, Гази Баба, зелените коридори на реките Серава и Лепенец, за Ботаничката градина и други, но од нив речиси ништо не е направено.

„Сакавме Водно да се симне во Скопје, но го направивме токму спротивното“, вели Ацевски и додава дека сега веќе е доцна за некои решенија, кои пред десетина години биле многу реални.

„Зеленилото не може да биде лек за сите болести. Дрвјата користат CO2, но градовите ни се полни и со други отрови и со прашина. Мора да разбереме дека садењето дрвја е само едно од решенијата и нема да го реши загадувањето на воздухот. Ќе мора паралелно и да се идентификуваат загадувачите и да се работи на нивно неутрализирање“, вели Ацевски.

Смета дека за проектите за зелените коридори на Серава и Лепенец се уште има време и треба да се реализираат. За нив во 2017 година беше направена Студија што потврди дека има услови да се изградат, а во 2020 година се подготвија и основни проекти, но работите запреа тука.

„Идејата беше по текот на реките во градот да навлезат воздушни маси со поголема влажност од една страна, а од друга страна да се збогати и биодиверзитетот, да се вратат птиците во градот“, вели Ацевски.

Од Градот Скопје нема објаснување што се случува со двата проекти за зелени коридори, направени во времето на претходната градска власт на Петре Шилегов. Иако, откако ги презентираше основните проекти, тој најави дека и реализацијата на терен ќе стартува многу скоро, сепак, и три години подоцна, покрај овие реки има многу повеќе отпад отколку зеленило.

Студијата за зелени коридори на Лепенец и Серава произлегува од насоките на Генералниот урбанистички план на Скопје што утврдува систем на зелени, јавни отворени простори во градот и се повикува на постари развојни стратегии и планови за Град Скопје уште од 60-тите години на минатиот век. Досега, во Скопје, само долж речните текови на Вардар и Треска се воспоставени зелени подрачја, паркови, спортски терени, дрвореди, иако коридорите по речните долини се особено важни со оглед на котлинскиот карактер на Скопје заради подобрувањето на климатските и општите услови во градот.

Како што се наведува во Студијата, Серава има улога во пренос на свежите воздушни маси од Скопска Црна Гора, каде што извира, до Скопје. Улогата на Лепенец, пак, долг период е запоставена како потенцијален простор за поврзување со зелената мрежа на градот. Во реката, која поминува низ три скопски општини, Ѓорче Петров, Карпош и Бутел, во моментов се влеваат отпадни води од домаќинства и производни објекти, а на одредени делници, се исфрла и отпад, комунален и градежен шут, што значително ги девалвира вредностите на реката и крајбрежјето.

Градот Скопје не одговори на прашањата на Мета.мк дали се планирани некакви активности за реализација на овие проекти и дали за нив се одвоени средства во буџетот.

Што се случува со проектите за зазеленување покрај речните корита на Лепенец и Серава не знаат ниту советниците на Зелен хуман град во Советот на Скопје, а велат дека тие не се дел ниту од Програмата за животна средина за 2023 година. Посочуваат дека ги поддржуваат овие проекти и нивната реализација, но мислат и дека треба претходно да се доработат.

„Неопходен е целосен план на пределот, а тимот кој ќе го работи мора да биде мултидисциплинарен. За зелените коридори да се реализираат професионално, мора да се обрне внимание и на биолошките и на морфолошките карактеристики како на пределот, така и на растителните видови кои ќе бидат избрани за да се создадат зелените коридори“, велат од ЗХГ.

Екологистите велат дека е многу важно и да не се уништува постојното зеленило, односно да се инвестира во капацитетите на „Паркови и зеленило“ за да ја вршат својата основна дејност.

„Не постои такво нешто како „старо дрво што треба да се замени со ново“. Колку е постаро едно дрво, толку поголеми се екосистемските услуги што ги обезбедува има поголема моќ да го прочистува воздухот, нуди поголема сенка, со својот поголем физички обем повеќе придонесува за зачувување на биодиверзитетот. Затоа, секое здраво зрело дрво во Скопје мора да се штити од уништување, а зеленилото кое е во лоша состојба да се негува“, велат од Зелен хуман град.

                                                                                                                                                                                       Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ