Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата има стратегија за намалување на загадувањето, но предупредува дека процесот ќе биде долг.
„Единствениот начин за намалување на емисијата на штетни честички во зимските месеци е да го смениме системот на затоплување на домовите. Помалку фосилни горива, повеќе еколошки опции, како централно затоплување. Работиме на проекти за изградба на гасни централи, но за тоа ќе бидат потребни најмалку две до три години,“ изјави Мицкоски.
Од коалицијата Вреди преку соопштение потенцираа дека Владата за првпат донела програма со конкретни мерки за борба против загадувањето, меѓу кои засилени инспекции и контроли.
„Се спроведуваат активности за контрола врз индустриските капацитети и се промовираат еколошки извори на загревање. Министерството за животна средина заедно со Државниот инспекторат за животна средина врши вонредни контроли врз индустриски капацитети со А интегрирани еколошки дозволи,“ се наведува во соопштението.
Сепак, според мерењата, Скопје и денеска е меѓу градовите со највисок индекс на загадување. Алармантно високи нивоа на ПМ честички во воздухот се регистрирани и во други градови, како Струмица, каде што веќе е надминат прагот на алармирање.
Граѓаните реагираат со протести и барања за поефективни мерки. На неодамнешните протести, еко-активистите нагласија дека 18% од вкупната смртност во земјата е последица на изложеноста на штетните ПМ честички.
И додека властите уверуваат дека преземаат мерки, граѓаните бараат брзи и видливи промени за подобар и почист воздух.