недела, 20 октомври 2024

Скопје и Тетово се гушат во ѓубре, комуналните работници или ги нема доволно или протестираат за плата

Објавено на

часот

Сподели

Утрово жителите на населбата Ново Лисиче во скопската општина Аеродром се разбудиле од неподносливата смрдеа од контејнерите, кои веќе неколку дена никој не ги празни.

кј

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје велат дека екопатроли секојдневно спроведуваат дежурства на локациите каде што е констатирано континуирано непрописно одлагање отпад на јавни површини.

Оттаму тврдат дека во текот на јуни, со континуирани дежурства биле покриени десетина локации во општините Ѓорче Петров и Чаир, додека неделава биле реализирани дежурства и во скопските општини Гази Баба, Аеродром, Центар и Карпош. Во текот на минатиот месец биле подготвени 51 информативно-едукативен записник за лица што се затекнати при неправилно одлагање одпад.

„Според Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје ги празнат контејнерите поставени на територијата на градот Скопје еднаш во текот на денот, седум дена во неделата. Но и покрај фактот дека отпадот положен во садовите се подигнува и транспортира секој ден, повторно сме соочени со масовно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини. Преку дежурствата на нашата Еко-патрола се обидуваме максимално да ја превенираме појавата на диви депонии, но би сакала да истакнам дека ЈП Комунална хигиена-Скопје нема надлежност да ги казнува прекршителите на Законот за јавна чистота, туку истите само да ги информира и едуцира. Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје се задолжени да го соберат и да го транспортираат отпадот одложен во садовите, но дали локациите ќе останат чисти и по заминувањето на нашите екипи, во најголема мера зависи од постапките на самите граѓани“, изјави претходно денеска директорката на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Косана Николиќ Мазнева.

Општина Центар вчера преку соопштение алармираше до Град Скопје за неисчистените контејнери и преполните канти со смет, поради протестот на ЈП Комунална хигиена – Скопје.

„Голем број граѓани денеска се пожалија во општината поради нехигиената и неподносливата миризба која се шири поради преполните контејнери по булеварите и улиците на главниот град. Општина Центар апелира на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП Комунална хигиена, соопштија од општината. Претходно денеска претпријатието соопшти дека неговата еко-патрола спроведува секојдневни дежурства на локациите каде што е констатирано континуирано непрописно одлагање отпад на јавни површини. Апелираме на итна реакција од Градот Скопје под чија надлежност е ЈП Комунална хигиена. Ние со своето претпријатие ќе продолжиме активно да ги одржуваме општинските површини. Предупредуваме, надлежните од Градот да не бараат оправдувања, туку веднаш да дејствуваат, високите температури надвор најмалку дозволуваат главниот град да биде претрупан со смет. Граѓаните плаќаат комунална такса и сакаат чист град“, соопштија вчера од општина Центар.

Градоначалникот Биљал Касами за основата на проблемот ги обвинува претходните раководства, а решението го има само како најава. Вели дека поради долговите на општината не може да се вработат дополнителен број луѓе кои ќе го собираат сметот.

„За жал тоа што создавале нашите претходници во општина, и продолжува да биде тренд, да има работници да земат плати и да седат дома, не ни овозможува да најдеме работници да работат со овие плати во претпријатието. Во неколку сектори во општина имаме потреба за работници за комунални дејности, за урбанизам, инженери и инспекторатот. Сите тие работници кои се моментално, не се доволни и не се мотивирани“, рече Биљал Касами.

лј

Според него, решение е во ново јавно претпријатие кое ќе занимава само со справување со смет. Ова е постара најава чија реализација повеќе пати се најавува.

„Поради ситуацијата со која се соочува претпријатието, ние почнавме постапка за сериозна реконструкција, со основањето на две нови претпријатија, за снабдување со вода и за менаџирање на отпадоците. Во меѓувреме треба да се објави тендерот за избор на приватен партнер кој ќе оперира во менаџирање со отпадоците. Убеден сум дека еднаш засекогаш за менаџирање на отпадоците ќе биде решено“, истакна Касами пред советниците во општината.

И.О.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ