Магливото време, греењето на нееколошки горива во домовите, густиот сообраќај деновиве, индустријата и други фактори како што се неповолните климатски, придонесуваат за високата концентрација на ПМ – честичките. Во Скопје засега не се во план итни мерки за заштита на населението.
И неколку други градови во Македонија имаат висока концентрација на канцерогените честички, а особено е загаден воздухот и тоа со денови, во Струмица.
Загадувањето на воздухот во Струмица, кое повеќе пати во изминатиот период бележи надминување на дозволениот праг на што укажуваше и Министерството за животна средина и просторно планирање и наложуваше преземање на препораки и мерки, утре ќе се разгледува на седница на Локалниот совет за превенција.
Градоначалникот Костадин Костадинов вели дека решение е имплентацијата на јавниот електричен превоз, кој е радикален чекор и е огромен финансиски проект што ќе служи за подобра комуникација на граѓаните со населените места. Вториот радикален чекор е максимализирање на зелените површини со зголемување на истите од 40 на 84 хектари, вели Костадинов.
Според него, проблем е немањето доволно инспектори за животна средина, бидејќи Општината има само еден, кој постајано постапувал според неговите надлежности.
„Токму загадувањето е договорено да се стави како алрмантна точка за разгледување на Локалниот совет за превенција при што е потребно да се преземат итни мерки. Секако, тука е проектот со УНДП со кој добиваме грант од 10 милиони денари, а Општината кофинансира со уште 10 милиони, што значи вкупно 20 милиони денари за справување со загадувањето, подготвување на Акциски план, мерки и конкретни решенија. Тука е и користењето на гасот за кој со одлука на Советот даваме субвенции од 10 денари за секој потрошен метар кубен. Но, гледаме дека тоа не е доволно и не е доволна мотивација за граѓаните да го користат гасот“, смета струмичкиот градоначалник.
Додава дека е потребна заедничка и координирана акција на сите институции, бидејќи Општината нема целосно ингеренции за решавање на овој проблем. Според него, важно е и други државни институции и јавни претпријатија да се вклучат во решавање на загадувањето на воздухот во Струмица.