среда, 23 октомври 2024

Скопје денеска се сеќава на 22 жртви од поплавите во Стајковци

Скопје денеска одбележува осум години од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица, а материјалната штета беше огромна. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер. Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново.

Објавено на

часот

Сподели

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски денеска на својот фексбук-профил напиша – „Никогаш да не се повтори! Никогаш да не се заборави!“.

„Денес навршуваат осум години од катастрофалната поплава која ја зафати општина Гази Баба. 22 наши сограѓани ги загубија своите животи и болката по нив ќе трае засекогаш. Материјалната штета беше огромна. Домовите на жителите од Стајковци, Сингелиќ и околните населени места беа целосно уништени. Големата количина на вода за миг однесе сѐ. Кога навидум сѐ беше разурнато се виде светлото на крајот од тунелот. Многу општини и градови од Македонија, многу држави од светот, илјадници граѓани ја покажаа својата солидарност и хуманост кон нашата општина, нашиот дом“, напиша Стефковски.

Тој изрази благодарност до сите оние кои дале придонес во справувањето со последиците од поплавата.

„Почитувани граѓани, жртвите од поплавата, како и солидарноста и хуманоста на илјадници луѓе кои помогнаа во справување со последиците од истата не смееме никогаш да ги заборавиме. Гази Баба се сеќава! Никогаш да не се повтори! Никогаш да не се заборави!“, објави Стефковски на фејсбук.

Во текот на 24 часа на 6 август 2016 во Скопје наврнаа 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имаше повеќе од 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите. 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.

Управата за хидрометеоролошки работи во извештаите по невремето информираше дека на Зајчев рид – главната метеоролошка станица во Скопје, бил забележан рекорден интензитет за петчасовни врнежи од 84,5 милиметри.

„Своевиден метеоролошки феномен кој опстојувал неколку часа со континуирано регенерирање и формирање олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажувала дека треба да помине во краток рок. Рекордниот интензитет на невремето што ја зафати Скопската котлина е со веројатност на појавување од 0,1 отсто или еднаш во илјада години“, го објасни тогаш УХМР невремето што ја погоди Скопската котлина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ