понеделник, 13 јануари 2025

Скокна бројот на загинати во Лос Анџелес, „Многу делови од градот изгледаат како да се бомбардирани“ (ВИДЕО)

Бројот на загинати во пожарите што беснеат низ Лос Анџелес се искачи на 24, соопштија утрово властите. Канцеларијата на судскиот вештак во округот Лос Анџелес објави список на жртви, вклучувајќи осум лица загинати во пожарот во Пацифик Палисејдс и 16 лица кои загинаа во пожарот во Итон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И покрај предупредувањата дека секој обид за заминување во областа на пожарот е со висок ризик, многу луѓе кои биле принудени да ги напуштат своите домови се собрале на контролните пунктови каде се наоѓа полиција, надевајќи се дека ќе добијат шанса да видат во каква состојба се нивните домови и дали се уништени.

„Не можам да си одам дома бидејќи е опасно“, изјави шефот на пожарникарите во Лос Анџелес, Ентони Мароне. „Наш заеднички приоритет е… да ги вратиме луѓето дома што е можно поскоро“, рече тој на прес-конференција, додавајќи дека тоа нема да биде можно до среда, поради најавеното засилување на ветровите.

„Бидете уверени, во четврток, разговорот за враќање на луѓето во нивните домови ќе биде наш приоритет“, рече Мароне. Некои жители чекаа во ред 11 часа за брза обиколка со придружба на нивните домови во евакуираната област.

На некои не им беше дозволено ниту да ги обиколат своите домови со придружба бидејќи пожарникарите стравуваа дека силниот ветер може да ја влоши ситуацијата во подрачјата зафатени од огнената стихија. Шефот на противпожарната служба рече дека ќе се постави систем кој ќе им овозможи на жителите да проверат на интернет дали нивните домови се уништени или оштетени.

„Знам дека многу луѓе во мојата област се разочарани и фрустрирани, но безбедноста ни е на прво место“, рече градската советничка од Лос Анџелес Траси Парк.

Бројот на евакуирани лица во моментов е околу 100.000, што е значително помалку во споредба со околу 180.000 во претходните денови.

„Многу области сè уште изгледаат како да се бомбардирани“, рече шерифот на округот Лос Анџелес, Роберт Луна, истакнувајќи ја опасноста од соборените далноводи и гасоводи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ