сабота, 27 јули 2024

Сите знаат дека АД ГТЦ работи без лиценци и сите молчат

Објавено на

часот

Сподели

Сѐ почна кога минатата година се откри скандалот со „копањето“ крипто валути во магацинскиот простор на ГТЦ од страна на компанија на Елвис и Габриел Бајрам, советник во Град Скопје од партијата на Ромите, коалициски партнер на владеачката СДСМ. Овој очигледен криминал со кражба на струја од ГТЦ, а дозволен од страна на АД ГТЦ на сметка на дуќанџиите остана неразјаснат. Сите се прават дека не се надлежни и дека всушност таму никој никогаш и не крадел струја затоа што и немало струјомери во магацините на ГТЦ. Но, фактите говорат поинаку. Сметката за струја која сопствениците на дуќани во Градскиот трговски центар во Скопје ја добиле по затворањето на гаражите во ГТЦ на 16 ноември 2021, каде браќата Бајрам држеле компјутери за копање биткоини, била помала за најмалку 40 отсто. Основано може да се процени дека четири години дуќаните во ГТЦ плаќале струја и за бизнисите на браќата Бајрам. Нивните трошоци за струја се проценуваат на над 800.000 евра.

Затворањето на овој скандал во јавноста се поврзува со политичка одлука.

 

Сите се прават ненадлежни во очигледната незаконистост со редиструбуцијата на струјата на сопствениците на дуќаните од страна на АД ГТЦ за што и надлежна државна институција (Регулаторна комисија за енергетика) вели дека тоа ова акционерско друштво не смее да го прави.

И пак сме во иста ситуација – РКЕ официјално вели дека АД ГТЦ нема лиценци за препродажба на струја, вода и топлинска енергија, дека оваа ситуација е недозволива, ама едноставно нема кој да го натера раководството на АД ГТЦ на чело со директорот Ѓоко Трајчевски да се преземе нешто за да целата оваа долгогодишна нелегална работа влезе во некои нормални текови.

За РКЕ единственото решение е АД ГТЦ да побара да стане затворен дистрибутивен систем, да побара дозвола за тоа, по што РКЕ би ги издала потребните лиценци и сѐ ќе си дојде во некој нормален тек. Ама директорот Ѓоко Трајчевски упорно тоа не го прави. Ито толку упорно молчи на сите наши прашања за проблемот со АД ГТЦ. И никому ништо. Сите сега нешто чекаат. Нема инспектори, нема истражители, нема полиција, нема обвинители

Не молчат само членовите на Здружението на граѓани сопственици на дуќани ГТЦ 1973. Тие се упорни во своите барања, апели, средби, укажувања на апсурдноста во која со години се наоѓаат, се сомневаат на многу нелегални работи во раководењето на ГТЦ, криминали, укажуваат на проблемите… и тоа.

Тие бараат одвојување на управувањето со електричната енергија на АД ГТЦ, брааат секој деловен простор да добива директно сметка од операторот за услугата (струја, вода, топлиснка енергија), а заедничките трошоци за електрична енергија и вода да се мерат посебно и да се делат на сите деловни простории без разлика на сопственоста.

За хигиената, обезбедувањето и поправките бараат распишување тендер и ангажирање на надворешни лиценцирани фирми.

Тие велат дека веќе побарале од инспекцискиот совет да издаде забрана за АД ГТЦ за вршење на нелиценцирани дејности. Одговор и на тоа нема. А бараат само примена на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност. АД ГТЦ со години врши нерегистрирани дејности и наплата на нерегистрирани дејности во фактури, без лиценци и посебни дозволи и без склучени договори согласно Законот за енергетика со лиценцирани снабдувачи.

А како оди тоа рефактурирање, на пример на сметките за струјата. На пример во еден период струјата се купуваше за 3,130 денари за киловат/час, а АД ГТЦ на сопствениците на дуќаните во ГТЦ струјата ја продава за 15,9 денари за киловат/час. Вкалкулираната маржа е од околу 500% без дозавола за вршење дејност.

АД ГТЦ нема лиценца за електрична енергија, нема лиценца за парно греење, нема лиценца за управување со ГТЦ, за водоснабдување, за обезбедување, нема одобрена методологија за пресметка на електрична енергија, нема одобрена методологија за пресметка на топлинска енергија, нема дозвола за трговија со акцизна роба – електрична енергија… Ама сето тоа го прави.

„Бараме Владата да назначи прокуратор во АД ГТЦ за спроведување на Законот за енергетика. Прокуратор за заштита на потрошувачите. Бараме нов тим за ГТЦ. Ново раководство во АД ГТЦ. Раководство кое ќе работи со лиценци. Сегашното раководство не сака да работи со лиценци. Сегашното раководство фалсификува финансиски документи , дури и фактури кон нас. Бараме формирање на собрание на сопственици во ГТЦ како што пропишал законодавецот, а тоа го препорачува и Министерството за транспорт и врски“, велат од Здржението на друќанџиите ГТЦ 1973.

Во врска со работењето на АД ГТЦ интересен е и податокот од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за транспарентноста на државни претпријатија во 2020 година. Уште тогаш е утврдено дека на дното на листата се наоѓа АД Градски трговски центар Скопје. Ако во 2018 година ова акционерско друѓтво не исполнуваше буквално ниту еден стандард, во 2020 година АД ГТЦ исполни 16 % од стандардите, што настана како резултат на тоа што се вброи во листата на иматели на информации од јавен карактер, и на веб-страницата има посебен оддел за пристап до информации, потоа ги објавува основните податоци за контакт: назив, адреса, телефонски број, е-адреса, а на веб-страницата се пронајдени и други информации и податоци што произлегуваат од надлежноста и работата на акционерското друштво.

Градскиот трговски центар продолжува да книжи и загуби во работењето. И минатата 2021 година, исто како и претходната, оваа компанија ја завршила со негативен финансиски резултат, иако загубата лани е малку намалена во однос на 2020 година.

Молкот на надлежните институции и натаму е во тек. Се чека реакцијата по најавениот протест.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ