Со воведувањето на овој систем треба да се подобри транспарентноста при спроведување на инспекцискиот надзор, ќе се обезбеди поголема контрола на работењето на инспекторите , како и да се намалат шансите за корупција при спроведување на надзорот.
Проектот како пилот почна во 2021 со поддршка на УСАИД, а во него беа вклучени Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Државниот управен инспекторат, продолжи и на останатите инспекторати.
„Овој проект ќе продолжи кон целосна дигитализација на инспекциската постапка, односно, останатите 12 инспекциски служби, кои во овој момент се организирани како внатрешни организациски единици во состав на органите на државната управа, ќе бидат предмет на вклучување во електронскиот систем, во зависност од крајниот исход на сеопфатниот процес на реорганизација и оптимизација на јавната администрација, во кој се вклучени и инспекциските служби“, рече Рендевска.
Имајќи предвид дека една од примарните цели на дигитализацијата на овие процеси е јакнење на антикорупциските механизми, вицепремиерката Грковска истакна дека инспекторите се лицето на институцијата, затоа што тие се во секојдневен контакт со граѓаните, и во таа насока, зголемувањето на контролата и поголемата ефикасност и ефективност во работењето, скратувањето на времето за вршење инспекциски надзор и поголемата транспарентност е важно за јакнење на интегритетот на службениците, за индивидуализирање на одговорноста, но и за подобрување на генералната перцепција за корупцијата на сите нивоа.
На брифингот беа споделени информации за придобивките од дигитализацијата на инспекциските надзори и искуствата на инспекторатите во секојдневната работа преку овој информациски систем, кој овозможува намалување на бројот на инспекциски надзори и контроли, фер пристап кон субјектите кои ги почитуваат законите, електронско прибавување на сите потребни податоци, скратување на времето на инспекцискиот надзор, како и заеднички и координирани надзори од повеќе инспекциски служби во исто време.