четврток, 13 март 2025

Сите ги очекуваат оставките на петмината членови на Судскиот совет, тие молчат

Објавено на

часот

Сподели

Собранието на седницата во вторникот изгласа недоверба на петмината членови на Судскиот совет избрани од Собранието – Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Селим Адеми. Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Премиерот Мицкоски вчера во изјава за медиуите рече дека очекува Дамева, Црвенковска, Мустафа, Чачарова – Илиевска и Адеми да ги напуштат позициите, затоа што немаат кредибилитет да бидат на тие места.

„Јас очекувам нивна морална одговорност и да ги напуштат позициите коишто ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места“, изјави Мицкоски.

Заменик – министерот за правда Деребан рече дека изгласаната интерпелација значи дека тие немаат легитимитет да земат учество, а уште помалку да одлучуваат во рамки на Советот.

„Судскиот совет мора да ја разгледа оваа интерпелација. Да закаже итна вонредна седница по однос на истото, а од нив очекувам да поднесат неотповикливи оставки. Прво, треба да разјасниме дека тие пет членови не се судии, туку се носители на јавни функции избрани од Собранието. Собранието согласно Уставот е надлежно да врши надзор над нивната работа. Интерпелацијата е уставна категорија. Интерпелацијата која им беше изгласана на овие пет члена на Судскиот совет избрани од Собранието е многу сериозна работа и мора да биде сфатена сериозно, затоа што со истата се утврдува дека овие пет члена имале значителен придонес во загрозување на независноста на угледот на судството и судската власт, но и значителен придонес за намалување на довербата на граѓаните во судството“, рече заменик-министерот.

Според него, каква било квалитетна законска рамка и да имаме, доколку, како што рече, не се почитуваат не може ништо да се спроведе.

„Министерството за правда продолжува со преземање на сите чекори кои значат реформи во правосудниот систем преку донесување на нови законски решенија. Меѓутоа, како што кажав, најважното за правосудниот систем е почитувањето на тие законски решенија од страна на чинители. Не дека претходните законски решенија биле лоши, туку станува збор за селективна примена на Уставот и законите на Република Македонија“, рече Деребан.

Во моментов се работи на измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет, формирана е нова работна група и, како што кажа Деребан, очекувa најдоцна до јуни истиот да биде донесен во собраниска процедура.

Неколкумина од овие пет члена на Судскиот совет во изјавите за медиумите не најавија дека имаат намера да поднесат оставки.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ