сабота, 11 јануари 2025

Сириските бунтовници соопштија дека го прекинале владеењето на Асад, извори наведуваат дека претседателот го напуштил Дамаск

Сириските џихадисти соопштија денес дека го прекинале 24-годишното авторитарно владеење на претседателот Башар ал Асад, во своето прво соопштение на државната телевизија по брзата офанзива која го изненади светот, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Командата на сириската војска ги известила денес офицерите дека владеењето на Асад е завршено, изјавил за Ројтерс сириски офицер кој бил известен за тој потег.

Сепак, сириската војска подоцна соопшти дека ги продолжува операциите против терористичките групи во градовите Хама и Хомс.

Ројтерс јавува дека двајца високи воени офицери изјавиле за таа агенција дека Асад одлетал на непозната локација, и дека бунтовниците влегле во престолнината во која немало војска.

Радио слободна Европа пренесува дека не е познато каде се наоѓа Асад, и дека Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон соопштила дека Асад полетал од Дамаск рано утринава. Не се знае каде одлетал сирискиот претседател.

Сирискиот премиер Мохамад Гази ал Џабали во снимка порача дека владата е „спремна да соработува со кое било раководство кое ќе го избере народот“.

„Веруваме дека Сирија е за сите Сиријци и дека тоа е земја на нејзините синови и дека може да биде нормална држава која гради добри односи со своите соседи и светот не влегувајќи во регионални сојузи и блокови“, кажа Ал Џалали и додаде дека сè уште е во Дамаск и дека не избегал.

Ројтерс наведува дека драматичниот колапс означува сеизмички момент за Блискиот Исток завршувајќи го семејното владеење со Сирија и нанесувајќи им огромен удар на Русија и Иран, кои го изгубија клучниот сојузник во срцето на регионот.

Темпото на настаните ги изненади арапските престолнини и поттикна страв од нов бран на регионална нестабилност.

Авион на компанијата Сириан ер полетал од аеродромот во Дамаск во времето кога било објавено дека џихадистите ја зазеле престолнината, според интернет страницата Флајт радар.

Авионот на почетокот летал кон крајбрежниот регион на Сирија, упориштето на алавитската секта на Асад, но потоа свртел полукружно и летал во спротивна насока неколку минути пред да исчезне од радарите.

Два сириски извори изјавиле дека постои голема веројатност Асад да загинал во авионска несреќа, бидејќи е мистерија зошто авионот ненадејно свртел и исчезнал од радарите.

„Исчезна од радарите, можно е да е исклучен транспондерот, но верувам дека е поверојатно авионот да е урнат“, кажа сириски извор.

Шефот на главната сириска опозициска група во странство Хади ал Бахра Сиријан изјавил дека „Дамаск е сега без Башар ал Асад“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ