сабота, 21 декември 2024

Синот на премиерот Мицкоски во Вашингтон не патувал на трошок на Владата, утврди ДКСК

Престојот на Јован Мицкоски, син на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, САД, за време на одржувањето на Самитот на НАТО не е платено со народни пари преку Владата, констатираше денеска Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК). Поради ова Комисијата ја отфрли иницијативата, го затвори предметот со заклучок дека патувањето на синот на премиерот било финансирано од лични средства.

Објавено на

часот

Сподели

„Авионските карти и хотелското сместување за престојот на синот на премиерот Христијан Мицкоски во САД јули не се резервирани, ниту платени преку Службата за општи и заеднички работи на Владата“, рече Зоран Богоевски, член на ДКСК на денешната седница.

Богоевски кажа дека согласно добиената документација од Владата, од Организацијата на НАТО на 10 јуни била испратена покана за државна делегација за НАТО самитот во која биле 21 лице меѓу кои не бил синот на премиерот.

„За него се доставени фискални сметки од исплата во готово. Во однос на сместувањето, лицето не престојувало во хотелите каде што била сместена државната делегација, туку во апартмани и тие не се фактурирани на име на делегацијата. Фактурите за сместувањето во апартмани се на име на физичко лице. Лицето не било дел од официјалната делегација и не присуствувало на ниту еден официјален состанок или средба, туку само на предавањето на неговиот татко“, кажа Богоевски.

18 годишниот Јован Мицкоски го придружуваше својот татко, премиерот Христијан Мицкоски на официјалното патување во САД на Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата во јули.

На 15 јули ДКСК формираше предмет по допрен глас за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон, на Самитот на НАТО.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ